[ВИДЕО/ФОТО] Потрес во светот на гастрономијата: Тетовецот Рене Реџепи поднесе оставка среде огромниот скандал

Точка

12/03/2026

20:07

1.908

Големина на фонт

а а а

Рене Реџепи се повлече од „Noma“, ресторанот што во 2003 година го коосноваше и го претвори во едно од највлијателните имиња на светската гастрономија. Одлуката доаѓа по неодамнешните написи во „The New York Times“ и низа објави на социјалните мрежи за неговото наводно малтретирање на вработените во текот на 2000-тите и 2010-тите години.

Обвинувањата го засенија и почетокот на 16-неделното pop-up гостување на „Noma“ во Лос Анџелес, каде што се собраа и демонстранти.

Во објава на Инстаграм, Реџепи порача дека последните недели отвориле важни разговори за ресторанот „Noma“, индустријата и неговиот поранешен начин на водење. Призна дека извинувањето не е доволно и порача дека ја презема одговорноста за сопствените постапки.


„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им препуштам на извонредни луѓе да го водат ресторанот во неговото следно поглавје“, напиша тој. Воедно објави и дека се повлекол од управниот одбор на „MAD“, непрофитната организација што ја основал во 2011 година.

Реџепи објави и емотивна видеоснимка во која, низ солзи, им се извинува на вработените. Наследник засега не именуваше.


Според извештајот на „The New York Times“, заснован на разговори со околу 35 поранешни вработени, Реџепи меѓу 2009 и 2017 година наводно физички и психички малтретирал членови на персоналот. Поранешни вработени тврдат дека ги удирал, ги туркал кон ѕид, ги боцкал со кујнски прибор, како и дека ги понижувал, заплашувал и јавно исмејувал.


Дел од нив тврдат и дека им се заканувал со своето влијание, вклучително и со можноста преку уцени или притисоци да ги оддалечи од ресторанската индустрија. Во неделите пред објавувањето на тој текст, поранешниот вработен Џејсон Игнасио Вајт на Инстаграм собирал и објавувал сведоштва од други поранешни членови на тимот на „Noma“, а неговите објави биле прегледани повеќе од 17 милиони пати.

Поради целиот случај, неколку истакнати корпоративни спонзори на гостувањето во Лос Анџелес, меѓу нив „Cadillac“, „Resy American Express“ и „Blackbird“, во последните денови се повлекоа од настанот.


Реџепи и претходно признавал дека бил груб и вербално насилен кон вработените. За физичкото малтретирање се извини дури минатата сабота, но без најава за конкретни чекори што би покажале одговорност кон жртвите и јавноста.

Што се однесува до самата „Noma“, Реџепи тврди дека денешниот тим на ресторанот е најсилен и најинспиративен досега и дека токму тие ќе продолжат да го водат ресторанот низ новото поглавје, вклучително и тековната резиденција во Лос Анџелес.

Инаку, Реџепи е роден во Копенхаген, од татко Албанец од Тетово, Македонија, и мајка Данкинка. Дел од детството го поминал токму во Тетово, каде што неговото семејство живеело до 1992 година, по што повторно се преселиле во Данска. Во интервјуа има изјавено дека периодот поминат во Македонија го памети како многу убав дел од своето детство.