Пред неколку бензински станици во Скопје веќе се забележуваат долги колони од возила, откако голем број граѓани се упатија да наполнат гориво пред да стапат во сила новите, повисоки цени од полноќ.
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 14,27 проценти во споредба со претходната одлука од 2 март 2026 година.
Според одлуката, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 79,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 81,50 денари за литар.
Најголемо зголемување има кај дизел горивото, па така ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе чини 85,50 денари за литар, што претставува поскапување од 14,50 денари.
Екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 ќе се продава по цена од 82,50 денари за литар, односно ќе поскапи за 12,50 денари. Воедно, цената на мазутот М-1 НС се зголемува за 7,044 денари и ќе достигне 42,586 денари за килограм.
Растот на цените на горивата се поврзува со поскапувањето на нафтата на светските пазари, кое е резултат на зголемените тензии на Блискиот Исток.
Што значат новите цени на месечно ниво?
Под претпоставка дека просечниот резервоар на патнички автомобил собира околу 40 до 60 литри гориво, трошокот за полнење значително ќе се зголеми. Така, за 50 литри еуродизел од полноќ ќе треба да се издвојат 4.275 денари, односно 725 денари повеќе отколку доколку истиот резервоар се наполни денеска пред да стапат на сила новите цени.
Кај автомобилите со бензински мотори ситуацијата е нешто поповолна, но и таму има зголемување на трошоците. Полн резервоар со еуросупер 98 според новите цени ќе чини околу 4.075 денари, што е за 250 денари повеќе отколку досега.
Ако се земе пример дека еден возач месечно поминува околу 1.000 километри, со просечна градска потрошувачка од осум литри на 100 километри, тогаш вкупната месечна потрошувачка би била околу 80 литри гориво. Во таков случај, месечниот трошок за дизел ќе изнесува околу 6.840 денари, што е за 1.160 денари повеќе од досега. Кај бензинските автомобили со еуросупер 98 месечниот трошок би достигнал околу 6.520 денари, односно за 400 денари повеќе.




Фото: Вечер (Ѕ.Плавевски)















