Откако САД презедоа решителна воена акција против Иран и Венецуела, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се соочува со клучна одлука за неговиот однос со американскиот претседател Доналд Трамп.
Минатиот викенд, севернокорејските државни медиуми ги осудија САД и Израел за започнување „агресорска војна“ против Иран, но значајно е што не известија за смртта на ајатолахот Али Хаменеи и десетици други ирански лидери, пишува Си-ен-ен.
Тој пропуст не е случаен. Политичкиот систем на Северна Кореја се заснова на речиси митскиот авторитет и неповредливост на лидерот. Јавното известување за насилното отстранување на друг врховен лидер би претставувало опасен преседан и би ги потсетило граѓаните дека дури и најмоќната личност во строго контролирана држава може да биде следена, таргетирана и елиминирана. Тоа е наратив што Пјонгјанг нема интерес да го шири.

Време е да му се јави на Трамп?
Додека продолжува американско-израелската воена кампања што го втурна Блискиот Исток во криза, Ким и неговиот потесен круг соработници несомнено детално го анализираат секој аспект од американската операција. Тие сигурно ја забележуваат способноста на Трамп брзо да премине од дипломатија на употреба на сила. Затоа, Ким Џонг Ун можеби се прашува дали е дојдено времето повторно да воспостави контакт со американскиот претседател.

Трамп треба да пристигне во Азија подоцна овој месец на средба со кинескиот претседател Си Џинпинг. Иако нема индикации за планирана средба со Ким, Чед О’Керол, основач на „Кореја Риск Груп“, не ја исклучува можноста. „Да бев Ким Џонг Ун, би сметал дека е во мој најдобар интерес оваа година да започнам некаков разговор со Трамп, дури иако е само површен“, рекол О’Керол, додавајќи дека логиката првенствено се однесува на управување со непредвидливоста на Трамп.
Раководството на Ким сигурно не го пропушти ни шокантното апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американските специјални сили пред нешто повеќе од два месеци. Северна Кореја потоа брзо одговори со лансирање ракета. Неодамна, Ким го надгледувал и тестирањето на крстосувачка ракета од нов разорувач, но останува нејасно дали оваа демонстрација на воена моќ е поврзана со војната во Иран.
Нуклеарен адут и слоевита заштита
По американската инвазија на Ирак во 2003 година, тогашниот лидер Ким Џонг Ил, чија земја беше означена како „оска на злото“ од претседателот Џорџ В. Буш, исчезна од јавноста неколку недели. „Впечатокот во 2003 година беше дека постоел почетен страв“, истакнал О’Керол. „Мислам дека ситуацијата сега е фундаментално поинаква. Ким Џонг Ун веќе се појави во јавноста, па очигледно не се крие“, додал тој.

Севернокорејските безбедносни служби сега внимателно ќе ја проучат операцијата во Иран за да се осигурат дека Ким никогаш нема да ја доживее судбината на Хаменеи. Разузнавачките процени долго време ја опишуваат Северна Кореја како земја со еден од најсофистицираните системи за заштита на лидерите во светот. Телохранителите на Ким често носат балистички актовки што можат да се претворат во штитови, а неговото движење е „обвиткано“ со тајна, со употреба на лажни придружби и повеќеслојни безбедносни прстени. Се верува дека длабоко под Пјонгјанг и во планините, постојат обемни подземни објекти за заштита на раководството.

Ким денес има многу повеќе причини да биде самоуверен отколку неговиот татко во 2003 година. Се верува дека Северна Кореја поседува десетици нуклеарни боеви глави и системи за испорака способни да стигнат до американскиот континент. За разлика од Иран или Венецуела, Пјонгјанг има оперативно нуклеарно оружје, што фундаментално ја менува стратешката пресметка. О’Керол истакнал дека можноста за монтирање нуклеарни боеви глави на ракети ја менува пресметката на ризикот за секој противник, но предупредува дека одвраќањето не гарантира имунитет.
Лекција од Ханој
Настаните во Иран би можеле да го потсетат Ким на непријатното искуство во Ханој во февруари 2019 година. Тој пристигна на својот втор самит со Трамп убеден дека договорот е на дофат, но Трамп ненадејно си замина, оставајќи го Ким со празни раце. Овој неуспех покажа дека дипломатијата не го елиминира ризикот од конфликт.

Според извештајот на „Њујорк тајмс“, приближно во исто време американските морнарички „фоки“ наводно извршиле тајна мисија за поставување уреди за прислушување во Северна Кореја. Ако е вистина, тоа ја нагласува суровата реалност дека дипломатијата не ги запира разузнавачките операции. Се чини дека Иран доживеал сличен модел. Преговорите траеле додека се зголемувал воено-разузнавачкиот притисок, а кога пропаднале, следел изненадувачки и смртоносен напад.
Ограничена помош од сојузниците
По Ханој, Ким се сврте кон Москва и двапати се сретна со Владимир Путин, зајакнувајќи го „стратешкото партнерство“. Пјонгјанг ѝ испорача на Русија артилериски гранати и ракети, во замена за храна, гориво и потенцијално чувствителна воена технологија. Но, границите на ваквите сојузи станаа очигледни во иранската криза. И покрај стратешките договори на Техеран со Москва и Пекинг, ниту една сила воено не интервенирала.

Ова сознание би можело да го натера Ким да ги преиспита своите разговори со Трамп, чиј однос отсекогаш бил невообичаено личен. Трамп го нарече Ким „мој пријател“, се фалеше со „прекрасни писма“ и познатата изјава: „Се заљубивме“. Но, во последното обраќање на Трамп за состојбата на нацијата Северна Кореја не беше спомената, што би можело да претставува нов вид неизвесност за Ким.
Кон крајот на февруари, Ким остави тесен прозорец за дијалог, условувајќи го со американско прифаќање на нуклеарниот статус на Северна Кореја. Тој рече дека нема причина двете земји да не се согласуваат ако САД ги напуштат своите „непријателски политики“. Белата куќа оттогаш ја потврди својата отвореност за дијалог без предуслови. Никој не знае дали разговорите ќе продолжат, но по неодамнешните настани, Ким сигурно се прашува што е поризично: да му се јави на Трамп или да молчи.














