„Slopaganda“: Дали пропагандното видео на Белата куќа за војната со Иран е ново паѓање на дното?

Точка

09/03/2026

20:21

887

Големина на фонт

а а а

Пропагандното видео на Белата куќа, кое го слави американското и израелското бомбардирање на Иран, со објава „ПРАВДА НА АМЕРИКАНСКИ НАЧИН“, предизвика бројни реакции. „Euronews“ истакнува дека станува збор за материјал со кој американската воена пропаганда достигнала „ново дно“.

Спорното видео е монтажа од снимки со дронови испреплетени со исечоци од акциони филмови и телевизиски серии, во кои се појавуваат ликови како Тони Старк (Роберт Дауни Џуниор) од филмовите на „Marvel“, Максимус (Расел Кроу) од филмот „Gladiator“, Том Круз од филмот „Top Gun: Maverick“, Кајло Рен (Адам Драјвер) од „Star Wars“, како и Волтер Вајт (Брајан Кренстон) од серијата „Breaking Bad“.

Во видеото се појавуваат и сцени од филмовите и сериите „Braveheart“, „John Wick“, „Superman“, „Deadpool“ и „Halo“.

Бен Стилер: Отстранете го исечокот од „Tropic Thunder“. Војната не е филм

Еден од исечоците е преземен од комедијата „Tropic Thunder“, која ја режираше и во која глуми Бен Стилер. Актерот реагираше на објавата на Белата куќа и напиша:

„Еј, Бела куќо, ве молам отстранете го исечокот од ’Tropic Thunder‘. Никогаш не ви дадовме дозвола и не сакаме да бидеме дел од вашата пропагандна машинерија. Војната не е филм.“

„Euronews“ потсетува дека ова не е првпат Доналд Трамп и неговата администрација да користат референци и исечоци од „Hollywood“, но ова видео, преполно со тестостеронска реторика, многумина го сметаат за ново дно.

На интернет видеото брзо беше исмеано, а бројни корисници го нарекоа „слопаганда“ – спој од зборовите „slop“ (ѓубре, неквалитетна содржина) и пропаганда. Критичарите ја обвинуваат администрацијата на Трамп дека се однесуваат како незрели тинејџери, а меѓу оние кои се појавуваат во видеото е и министерот за одбрана Пит Хегсет.

Погрешна употреба на популарната култура

Интересно е што видеото вклучува и актери кои јавно го критикувале Трамп – на пример Роберт Дауни Џуниор, кој активно ја поддржуваше Камала Харис, како и Брајан Кренстон, познат по остри критики кон претседателот. Во видеото се појавуваат и морално контроверзни ликови како Волтер Вајт, Сол Гудман и Кајло Рен, како и дела кои всушност сатирично ја прикажуваат војната и американскиот сон, како „Tropic Thunder“ и „Breaking Bad“.

Дополнително, многу од користените приказни зборуваат за отпор кон империјализмот, како приказната за Вилијам Волас во „Braveheart“, кој се бори против странска окупација. Иронично е и тоа што некои од актерите кои симболизираат „американски начин“ всушност не се Американци – Расел Кроу и Мел Гибсон доаѓаат од Австралија и Нов Зеланд, додека Киану Ривс е Канаѓанец.

Недостиг на емпатија кон жртвите

Покрај очигледната незрелост и погрешната употреба на популарната култура, видеото открива и сериозен недостиг на емпатија кон жртвите од војната.

Според прелиминарните податоци на иранските министерства за здравство, одбрана и внатрешни работи, во Иран загинале повеќе од 1.300 луѓе, најмалку 13 во Израел, а во Саудиска Арабија е убиен и седми американски војник.

Смртоносниот судир како забава за масите

Исто така се упатени повици за независна истрага за нападот врз основно училиште во Минаб, во кој загинале 165 деца. Експертите на Обединетите нации го осудија бомбардирањето како „тежок напад врз децата“, додека организациите за човекови права предупредуваат на можни воени злосторства во конфликтот за кој правните експерти тврдат дека е започнат со кршење на Повелбата на ОН.

Но, како што заклучува авторот, зошто да се грижиме за меѓународното право и повелбите кога е можно да се состави бездушно видео со исечоци од „Hollywood“ акциони филмови и смртоносниот конфликт да се претвори во кратка забава за масите.