Церемонијата на доделувањето на „BAFTA“ наградите во неколку наврати ја прекина Џон Дејвидсон, човек со Туретов синдром кој е и тема на номинираниот филм „I Swear“, а еден од испадите вклучуваше и расистичка навреда упатена кон Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо.
Дејвидсон е тема на биографскиот филм „I Swear“, а Туретовиот синдром му бил дијагностициран на 25-годишна возраст. Неговите симптоми вклучуваат тикови и неконтролирани изливи на гнев, кои често вклучуваат пцуење и користење навредливи зборови.
Седејќи во публиката во „Royal Festival Hall“, тиковите на Дејвидсон ги фатија микрофоните во салата и се слушнаа во телевизискиот пренос на „BBC“.

Според „Variety“ и „Deadline“, во салата се слушнале неколку испади, вклучувајќи „здодевно“ и „замолчете“ проследено со пцовка кога претседателката на „BAFTA“, Сара Пут, го одржала воведниот говор за време на церемонијата, а уште една пцовка била извикана кога режисерите на филмот „Boong“ ја примиле наградата за најдобар детски и семеен филм.
Во друг случај, Дејвидсон извикал расна навреда (n...a) кога актерите од филмот „Sinners“, Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо, ја доделуваа наградата за најдобри визуелни ефекти на филмот „Avatar: Fire and Ash“.
Зборот на Н на англиски јазик означува тешка расна навреда која се користела за време на периодот на ропството во Соединетите Американски Држави, сегрегацијата и системската дискриминација на Афроамериканците.
Актерите накратко запреле откако го слушнале извикувањето, меѓутоа церемонијата набрзо продолжила.
„Можеби забележавте вулгарен јазик во позадина. Тоа може да биде дел од начинот на кој Туретовиот синдром се манифестира кај некои луѓе, а филмот го истражува тоа искуство“, изјави британскиот актер и водител на церемонијата Алан Каминг за „Variety“, „Ви благодариме за разбирањето и за помошта во создавањето простор на почит за сите“.
„Variety“ додава дека подоцна за време на церемонијата на доделувањето на „BAFTA“ наградите, Каминг дал уште една изјава: „Туретовиот синдром е попреченост, а тиковите што ги слушнавте вечерва се неволни, што значи дека лицето кое има Туретов синдром нема контрола врз својот говор. Се извинуваме доколку вечерва сте биле навредени“.
Дејвидсон наводно ја напуштил церемонијата и не бил присутен во текот на втората половина од настанот.

Пред почетокот на овогодишната церемонија, известува „Variety“, менаџерот на доделувањето на „BAFTA“ наградите го претставил Дејвидсон пред публиката, признавајќи дека има Туретов синдром и кажувајќи ѝ на публиката „да има предвид дека би можела да слушне некои неволни звуци или движења за време на церемонијата“.
Дејвидсон јавно ја објавил својата дијагноза пред четири децении, во 1989 година.
„Туретовиот синдром е толку ужасна состојба што поголемиот дел од времето не сакам да бидам во центарот на вниманието“, изјавил Дејвидсон во интервју за „BBC News“ минатата година. „Сакам да можам да одам по улица без никој да ме забележи затоа што викам или пцујам“.















