На денешен ден, 19 февруари 2021 година, почина најпопуларниот југословенски кантавтор и поет Ѓорѓе Балашевиќ.
Балашевиќ почина на 19.2.2021 година на 68-годишна возраст за време на лекување од коронавирус во Клинички центар Војводина. На Инфективната клиника при Клиничкиот центар Војводина во Нови Сад Балашевиќ бил примен три дена претходно, а како што тогаш јавија медиумите, бил во многу тешка состојба.
Лекарите ги презеле сите неопходни мерки за лекување, но до подобрување не доаѓало.
Балашевиќ во ноември 2019 година имал инфаркт, при што му биле вградени стентови и тогаш мораше да ги откаже своите настапи, а потоа следувала и короната.
Роден е на 11 мај 1953 година во Нови Сад. Кариерата ја започнал во 1977 година во бендот „Жетва“, кој го напуштил за да го формира „Рани мраз“, во кој со него биле и Бора Ѓорѓевиќ и Биља Крстиќ. По два албума се одлучил за соло кариера, која била обележана со стотици хитови, како и со неговите прочуени новогодишни настапи.
Освен со песни, „Панонскиот морнар“ имал и други начини на изразување.
Ги објавил романите „Три послератни другари“, „Еден од оние животи“, потоа „Календарот на моето детство“ и „Рани мраз“, кој е опишан како „сценарио за долгометражна играна балада“, а извесно време пишувал и новински колумни.
Токму со филмот „Рани мраз“ завршила и режисерската авантура на Балашевиќ. Претходно, овој кантавтор остварил и телевизиски улоги, па глумел во сериите „Војници“, „Поп Ќира и поп Спира“ и „Специјална редакција“.
Балашевиќ беше погребан во Нови Сад, на 21 февруари.
Во својата автобиографија напиша: „Оние што ме засакаа по музичка линија, знаат по нешто за мене. Оние што досега не ме засакаа, и нема, се плашам…“
Издвоивме некои од неговите најубави цитати:
1. „Патот до ѕвездите е само етапа од кружниот пат до себеси. Ако ја знаеш кратенката, нема потреба многу да се кршиш по беспаќата. Не, бато... Си стигнал штом ќе тргнеш. Целта ја носиш скриена под капутот, истетовирана на градите како мета. Во тоа е тајната… Во тоа е единствениот трик…“
2. „Има тишини на кои се сеќавам повеќе отколку на најубавите зборови.“
3. „И тогаш ќе знае дека е единствената што некогаш сум ја сакал. Дека сите други сум ги сакал со темната страна од срцето. Штедејќи се… Учeјќи како најдобро ќе ја сакам неа… Кога конечно ќе ја најдам…“
4. „Луѓето се како школки, мораш да отвориш илјадници за да пронајдеш бисер.“
5. „Името ми е Ѓорѓе Балашевиќ. Пријателите главно ме викаат Ѓоле. Непријателите не ме викаат. Но ни јас не ги викам нив. Па кој подолго ќе издржи.“
6. „Напиши ми песна, молеше… И не знаев дали ќе умеам. Ја сакав толку лесно, а толку тешко знаев тоа да го покажам. А потоа, одеднаш, распоредот на бемките на нејзиниот грб, како тајна мапа, ми покажа во кои ѕвезди треба да се загледам… И така… Ете ти песна, лудо едно…“
7. „Кога ќе го побарам патот кон средиштето на себе, патеките стануваат сè потесни и се кријам во засолништето на твоето уво, како обетка од двојна цреша… Но успевам уште еднаш да одолеам, да прошепотам дека ноќва те сакам на руски… што се зборовите, кремен што се истрошува кога-тогаш…“
8. „Зборовите се мои играчки, ми светкаат во главата како оние шарени стакленца од калеидоскоп и секојпат имам поинаква слика во очите кога ќе зажмуркам… Но постојат во нас некои непреводливи длабочини, постојат во нас некои работи непреводливи во зборови, не знам…“
9. „Нешто начув дека утре можеби не постојам, па подобро веднаш да пробаме сè. За ситни пари купи ме, разгали ги тие диви капини. Луд сум по тебе, но ова е време на луди и јас за нас ќе го оседлам стравот, а ти бакнувај ме до зло, додека не останам без здив.“
10. „Некому му се чини дека сите мои песни се исти. Ги разбирам целосно. Мене, на пример, сите оние песни на Ајнштајн ми се исти. Не сме сите за сè дораснати.“
11. „Чудни се тие емоции. Ќе откриеш агол во себе за кој не си ни знаел дека постои и ќе сфатиш дека таму некој со денови, месеци, години спиел, а не плаќал кирија.“
12. „Сè има свое, кога смрзнува и врие, кога менува бои… кога вене и зрее – сè има свое… почеток и крај… Темнините постојат за да го повикаат сјајот.“
13. „И секогаш останува онаа личност по која ќе копнееш целиот живот и оној страв додека ги броиш победите и поразите. На некои љубовни приказни секогаш им недостигаат последните страници.“
14. „Вистинскиот маж, со кого ќе траете, нема да го препознаете по изгледот, по дипломата, по интелигенцијата. Вистинскиот ќе го препознаете по начинот на кој ве држи за рака, како ве бакнува, како ве прегрнува – ни пресилно за да останете без здив, ни преблаго за да исчезнете без трага. Вистинскиот ве држи токму онака како што треба, за да знаете чии сте.“










