[ВИДЕО] Жена 43 години не можела да подригне: Ботоксот ѝ го променил животот

Точка

19/09/2026

18:39

387

Големина на фонт

а а а

Една жена го искористила ботоксот, кој најчесто се поврзува со естетски третмани, за да реши редок проблем поради кој 43 години не можела да подригне.

Џема Ренвик открила дека инјекција со ботокс ѝ ги ублажила симптомите на ретроградна крикофарингеална дисфункција (R-CPD), позната и како синдром на неможност за подригнување, која со години ѝ предизвикувала болка и непријатност.

Живот со неможност за подригнување

Станува збор за нарушување при кое крикофарингеалниот мускул, сместен во горниот дел на хранопроводот, не се опушта доволно за воздухот да може да излезе од хранопроводот и желудникот. Поради тоа, воздухот се насобира во дигестивниот систем, што може да предизвика надуеност, притисок и болки во градите и стомакот, клокотење во пределот на вратот и градите, како и зголемено испуштање гасови.

„Имате чувство дека не можете да дишете“

Гостувајќи во емисијата „Good Morning Britain“ на телевизијата „ITV“, Ренвик опишала како изгледал животот со оваа состојба.

„Отсекогаш не можев да подригнам и тоа ми предизвикуваше низа проблеми. Не станува збор само за неможноста да подригнам, туку и за заробениот воздух, ужасната надуеност и секојдневната болка“, изјавила таа.

Таа објаснила дека тоа сериозно ѝ го ограничувало секојдневниот живот. „Голтате воздух додека јадете, пиете, разговарате, па дури и додека ја голтате плунката. Тоа трае во текот на целиот ден“, додала Ренвик.

Како пример го навела пиењето просеко, по кое болката станувала неподнослива. „Доаѓате до точка кога физички повеќе ништо не може да собере во вас. Имате чувство дека не можете ниту да дишете ниту да голтате. Се создава нешто што можам да го опишам единствено како огромен притисок“, објаснила таа.


Поради тоа морала да прибегнува кон драстични мерки. „Колку и да звучи ужасно, морав да научам како рачно да предизвикам подригнување. Всушност, станува збор за предизвикување нагон за повраќање за да се активира рефлексот и да се ослободи воздухот. Тоа само по себе беше трауматично и непријатно“, раскажала таа.

Решението го пронашла во ботоксот

Решението го пронашла во третманот што го нарекува „Throatox“, односно вбризгување ботокс во крикофарингеалниот мускул. Ботулинскиот токсин привремено го опушта овој мускул, со што се овозможува ослободување на воздухот, а кај многу пациенти доаѓа до значително намалување на симптомите.

Таа тврди дека третманот ѝ го променил животот, а првиот пат кога успеала да подригне го опишала како „неверојатен“. „Олеснувањето од болката и притисокот, чувството дека си нормален… повторно да се чувствуваш како нормална личност, беше чудесно“, истакнала Џема.


Проблем со кој се соочуваат и познати личности

Ренвик ја споделила својата приказна на ТикТок, каде што на нејзината објава реагирала и пејачката од групата „Little Mix“, Џејд Терлвол, која очигледно се соочува со сличен проблем.

„О, Боже, конечно се чувствувам разбрано. Тоа што не можам да подригнам отсекогаш беше ’интересен факт‘ за мене, но ми создава проблеми цел живот. Доста ми е од коментарите за мојата тежина додека сум на сцена, а всушност сум само надуена. Сакам да го направам тој третман, но се плашам дека ќе влијае врз мојот глас“, напишала пејачката.

Ботоксот има висока стапка на успешност

Денес ботоксот се смета за главен начин на лекување на R-CPD, а досегашните истражувања покажуваат висока стапка на успешност. „Yale Medicine“ наведува дека повеќето пациенти по една инјекција почнуваат да подригнуваат и чувствуваат значително олеснување на симптомите.


Студија објавена во 2020 година покажала дека 99,5 отсто од 200 пациенти кои биле подложени на третманот успеале да подригнат по инјекцијата со ботокс, додека 95 отсто почувствувале значително олеснување на главните симптоми. Кај околу 80 отсто од пациентите подобрувањето било долготрајно и продолжило и откако дејството на ботоксот престанало.

R-CPD е релативно неодамна препознаено нарушување и сè уште не е доволно познато, а стручната литература наведува дека дијагнозата главно се поставува врз основа на симптомите и клиничката проценка.