[ВИДЕО] Дваесет години не знаел зошто увото му е зелено: Одговорот случајно го открил стоматолог

Точка

17/09/2026

14:40

1.174

Големина на фонт

а а а

Речиси две децении Мет Аитија бил навикнат на истото прашање. Луѓето за време на разговорот го спуштале погледот кон неговото лево уво и го прашувале зошто е зелено. Меѓутоа тој го немал вистинскиот одговор.

Режисерот и снимател од Торонто го продупчил увото кога имал десет години. Набргу потоа местото се инфицирало, било болно и непријатно, па ја извадил обетката. Меѓутоа му останала грутка и необична зеленикава боја на кожата.

Со години го слушал истото објаснување

Аитија тврди дека низ годините разговарал со повеќе лекари, а објаснувањето што го добивал било дека најверојатно станува збор за ткиво од лузна. Со текот на времето прифатил дека неговото уво едноставно ќе изгледа така.


Сè се променило за време на една сосема обична посета на стоматолог.

Таму му направиле панорамска рендгенска снимка на вилицата. Кога техничарката се вратила по снимањето, го прашала дали има пирсинг. Мет помислил дека ја забележала зелената боја на неговото уво и почнал да ја објаснува приказната што веќе толку пати ја раскажал. Но, таа не гледала во неговото уво, туку во рендгенската снимка.

На снимката се гледал метал

Во ткивото на неговото уво јасно се гледал мал метален предмет. По речиси 20 години, мистеријата конечно добила објаснување – во ушната ресичка уште од детството му останал заглавен металниот затворач од обетката.

„Не можам да поверувам. Дваесет години ова ми било во увото“, се присетил Аитија на својата реакција.

Откритието го споделил на социјалните мрежи, каде што приказната брзо станала вирална. Му се јавила и естетската хирургинка од Торонто, д-р Руи Хан Лиу, која му понудила помош за отстранување на страното тело. Зафатот бил планиран откако со дополнителни прегледи било утврдено каде точно се наоѓал предметот.

Аитија денес може да се смее на целата ситуација, иако признал дека како дете не секогаш бил рамнодушен кон изгледот на своето уво. Целата приказна, како што рекол, можеби на крајот ќе стане и краток филм.

По речиси две децении, дефинитивно има доволно материјал за тоа.