[ФОТО] Бисерот на поранешна Југославија сè уште е едно од најубавите места на планетата: Откриваме зошто во зимскиот период бегството на ова место е уште послатко отколку на лето

Точка

12/02/2026

19:42

832

Големина на фонт

а а а

„Кога и да дојдете на Блед, од десет дена – секој може да биде поинаков“, така водичката од Туристичкиот информативен центар (ТИЦ) го започна претставувањето на понудата што оди со „најфотогеничното езеро во светот“. „А јас имав три дена, и тоа во февруари.“

„Беше премногу студено за капење во езерото и премногу лизгаво за искачување на Триглав, но веќе таа глетка на црквата на островот, замокот на карпата што се огледува во мирната вода и алпската позадина, е добра стартна позиција за оние што сакаат да уживаат во мирот. И добар потсетник зошто Блед е на листата на најубавите места на планетата.

За разлика од летната сезона, февруари е месец кога Блед ја покажува својата побавна, потивка страна. Идеален е за оние кои бараат рамнотежа помеѓу природата, културата и чистиот одмор – и токму тоа, се покажува, го прави извонредна дестинација за бегство и ресетирање во ова време од годината.


Езерото е мирно, воздухот поостар, а боите пригушени – сивкасто сина вода, бели Алпи во позадина и остров што делува како да е таму само за оние што се подготвени да успорат и полека да го разгледаат, без толпа околу себе и чекање на ред под славниот ѕвон на желби.

Веќе прошетката околу езерото станува искуство само по себе. Кругот од околу шест километри лесно се поминува, но постојано се застанува – поради совршена фотографија, лебедите очигледно навикнати на луѓето или славните кремпити.


Тие велат дека февруари може да биде идеален и за кратки излети: Радовљица, „најслаткиот град“ во Словенија, е ептен блиску, автобусот бесплатно ги превезува скијачите до популарните локации, Националниот парк Триглав е вистински бисер каде ќе научите и за природата и за себеси, а планинските патеки околу Блед се достапни и за оние што не се во сериозен планинарски режим. Сепак, и ако сте дошле само за уживање, по доза опуштеност и култура, Блед е вистинско место – еве како ние ги исполнивме трите дена престој.“

Обиколка на Бледскиот град

Бледскиот град е навистина интригантен. Го гледате од секој агол, замокот што делува како да е нацртан на карпата, надвиснува над езерото. До него може да се стигне со автомобил или по скали, а сите што се впуштиле во тој подвиг ќе ви кажат дека целиот напор исчезнува пред погледот од ѕидините.


Замокот е релативно мал, но со совршен поглед и детали кои ве внесуваат во средновековна приказна уште од самиот почеток.

Првите писмени извори за Бледскиот град датираат од 1011 година, а музејот ја комплетира приказната со своите експонати кои придонесуваат за приказната за „рајското место“: мала фибула во форма на паун како „рајска птица“, пронајдена на археолошкото наоѓалиште Пристава, датира од VI век и во локалната традиција симболизира живот, вечност и богатство; скелет на елен пронајден на ова подрачје и легендата за ѕвоното на желбите кое води директно до островот.“


Чудесниот Бледски остров

„До Бледскиот остров се стигнува со традиционални плетна чамци, кои во Блед во моментов ги изработуваат само двајца мајстори, а управуваат членови на четири семејства, предавајќи го знаењето од колено на колено. Веслаат до островот (картата за чамец чини 20 евра), иако постои и малку поевтина варијанта да се стигне со обичен чамец со кабина и мотор (16 евра).


И ако добиете добар водич, како што ние ја имававме Рената, „чуварката на островот“, ќе дознаете многу интересни детали. На пример, веднаш ве пречекуваат 99 скалила кои го претставуваат самиот живот – од водата до небото. Секое следно скалило го поминував со повеќе размислување, секое е различно.


Пред Црквата на Вознесението на блажената Дева Марија се наоѓа скулптурата на Марија Магдалена, која ги привлекува поклониците, а во самата црква најверојатно најинтересно за сите е да замислат желба и да повлечат јаже кое се спушта во централниот дел. И тоа, се покажа, дека не е баш лесно – ѕвоното ќе заѕвони само ако сте со чисто срце, благодарни и со верба…


Секако, потоа можете да ги сумирате впечатоците со топла лимонада со ѓумбир и потица, традиционален словенечки колач, најчесто полнет со ореви, што потсетува на штрудла и се јаде полека… Сепак, главниот сладок деликатес на Блед е кремпитата.“

Бледска кремпита

Бледската кремпита е славен словенечки колач од лиснато тесто, полнет со ванила-крем, но и со слој шлаг, прецизно исечена на квадрати 7x7.


Популарноста на бледската кремпита не е само поради полниот, кремаст вкус – секое парче носи традиција и дух на местото, а посетителите често ја купуваат и како сувенир за дома.

Во ова време, популарни се кулинарските работилници, а ние ѕирнавме токму во кујната на хотелот Парк, каде ја подготвуваат кремпитата по старински рецепт, но и медените колачиња на Рикли.“

Предизвикот на Риклиевата метода

Риклиевата метода потекнува од Арнолд Рикли, Швајцарец кој во детството бил отруен од фабрички гасови, а потоа, средината на XIX век, на Блед пронашол излекување.


Бил пионер на здравствениот туризам (а и на туризмот воопшто на Блед) и во тоа време истакнувал дека сонцето, свежиот воздух и водата имаат силно благотворно влијание врз човечкото тело и дух – многу пред овие идеи да станат тренд на модерната велнес филозофија.

Кога следбениците на Рикли почнале да пристигнуваат и да градат прекрасни вили на Блед, тој ги терал да јадат најскромна веганска храна, боси и голи да поминуваат по патеките кон врвовите, да се капат во студената вода на езерото…


Денес „атмосферското лекување“ на Блед за многумина изгледа поинаку, но во најпопуларниот, хотелот Рикли Баланс, сè уште можете да го нарачате тој третман. Меѓутоа, мене ми беа многу попривлечни сауните и базените.“

Велнес Жива – целосно уживање

„Хотелот Рикли Баланс на Блед на многумина им го овозможил токму она опуштање што го барале по обиколката на езерото и островот, но и многу повеќе од тоа. Сè е уредено, како што замислувал Рикли, во хармонија со природата – собите гледаат кон езерото, а секоја ја претставува некоја од убавините на Словенија и е уредена со мотиви на пчела, мов, лисичјо срце…


Но јас таму поминав многу малку време, бидејќи во рамките на хотелот се наоѓа Велнес Жива, кој е еден од најпознатите велнес центри во Словенија, инспириран од Риклиевата филозофија – спојување на природата, водата и свежиот воздух за регенерација на телото и духот. Таму има термални базени, сауни какви никогаш не сум доживеала, масажи, бањи, разни природни третмани за лице и тело… Чини, но навистина вреди.“

За повеќе детали од ова, но и од други интересни, блиски и подалечни патувања – заследете го „Putničarenje“.