Ако сте едни од оние кои ги исфрлиле теписите од домот заменувајќи ги со ламинат и плочки, сметајќи ги за помодерно и похигиенско решение, новите трендови би можеле да ве изненадат.
По децении доминирање на минимализмот, се чини дека „голите“ подови се минато, а во домовите на голема врата се враќа удобноста. Дизајнерите на ентериерот предвидуваат масовно враќање на теписите во дневните соби.
Многумина сметаат дека домовите станале премногу „стерилни“ па ги предложуваат теписите како решение за создавање на потопла и поудобна атмосфера.
Експертите за уредување на ентериерот во последните години сè почесто го истакнуваат поимот „cocooning“ како клучен тренд во обликувањето на домот. Станува збор за идејата дека просторот треба да стане засолниште – место на топлина, безбедност и пријатност, а не само естетски минималистички кулиси.

По периодот на доминација на ладните, соголени подови и строгата едноставност, акцентот се враќа на текстурите, меките материјали и слоевитоста. Токму затоа теписите, како и другите текстилни елементи, повторно добиваат на значење: освен визуелна топлина, внесуваат и тактилна удобност којашто тврдите подни облоги сами по себе не можат да ги понудат.
Особено се популарни моделите од природни материјали како волна и памук, во земјени тонови – беж, песок, маслинесто зелена и топла кафеава. Наместо тенки, речиси незабележливи теписи, во тренд се подебели, помеки кои придонесуваат за чувството на удобност и го нагласуваат концептот на домот како засолниште.
Еден од најчестите аргументи против теписите е перцепцијата дека собираат прашина, грини и алергени и дека се потешки за одржување од тврдите подни облоги. Сепак, експертите истакнуваат дека современите материјали и редовното чистење значително ги намалуваат тие ризици.

Квалитетен тепих кој редовно се чисти со правосмукалка и повремено длабински се чисти не мора да претставува хигиенски проблем, меѓутоа во некои случаи може да содржи честички прашина сè додека тие не се отстранат преку чистење со правосмукалка.
Секако, во домаќинствата со изразени алергии или домашни миленици изборот на материјалот и начинот на одржување имаат клучна улога, па одлуката често зависи од животниот стил подеднакво колку и од естетиката.