Германија ќе воведе нови мерки на границите: Планираат да го отежнат добивањето на државјанство

Точка

09/02/2026

22:10

820

Големина на фонт

а а а

Германија сака да стави крај на нелегалната миграција и планира да ги заостри условите за добивање германско државјанство. Покрај тоа, според германските медиуми, оние кои имаат германски пасоши и кои повикуваат на калифат или шеријатски закон ќе го изгубат државјанството на оваа земја.

Според германските медиуми, бриселскиот огранок на ЦДУ сака да усвои резолуција на партиската конференција во Штутгарт (20/21 февруари) со која ќе се овозможи на барателите на азил кои влегуваат во ЕУ од безбедни трети земји веднаш да бидат вратени на надворешните граници на ЕУ без никакви контроли, пренесе „Феникс“.

Потребна е правна основа

Во предлогот, во кој имале увид германските медиуми, се наведува дека е потребна правно обврзувачка регулатива на ЕУ за да се овозможи ова. Враќањето на нелегалните мигранти на надворешните граници на ЕУ треба да се обезбеди со дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права.


Причината за ова е што сегашната судска пракса за Конвенцијата го отежнува или го оневозможува спроведувањето на „овие и други соодветни мерки“ што би придонеле за ефикасна заштита на надворешните граници на ЕУ.

Потешко се доаѓа до германски пасош

Понатаму, условите за натурализација треба значително да се зголемат (вклучувајќи подобри јазични вештини, најмалку пет години живот без социјална помош, легален престој од најмалку седум години и без криминално досие). Потребното ниво на познавање на јазикот мора да се документира со сертификат и да се провери со усен тест на лице место. Целта е да се разоткријат оние кои нелегално купуваат јазични сертификати.

Губење на правото на германско државјанство

Оние кои веќе се натурализирани и кои повикуваат на калифат или шеријатски закон на демонстрациите ќе ги изгубат своите германски пасоши. „Истото мора да важи ако странски сторители или лица со двојно државјанство се осудени за антисемитски злосторства“, се наведува во предлогот.

Престојот на одбиените баратели на азил и бегалците од граѓанските војни во земјите каде што граѓанската војна е завршена, исто така, треба „доследно да се прекинува“.


„Германската влада и ЕУ се на вистинскиот пат во борбата против нелегалната миграција. Но, сега станува збор за тоа работите да се подигнат на следно ниво“, изјави лидерот на ЦДУ во Брисел, Тим Петерс.

Бројот на нови барања за азил во Европската Унија, Норвешка и Швајцарија нагло се намали во првата половина од годината, покажаа податоците на ЕУ во понеделник. Германија повеќе не е водечка дестинација за барателите на азил, како што беше пред многу години, пренесе германската новинска агенција (dpa).

Бројот на барања за азил се намалува

Европската агенција за азил (EUAA) со седиште во Малта соопшти дека во периодот помеѓу јануари и јуни 2025 година биле поднесени 399.000 нови барања, што е за 114.000 помалку отколку во истиот период во 2024 година.

Тоа е пад од 23 отсто. Бројката ги вклучува сите земји-членки на ЕУ, како и Норвешка и Швајцарија.

Во првите шест месеци од оваа година, Франција беше водечка земја по број на барања со 78.000. Следуваа Шпанија со 77.000, Германија со 70.000 и Италија со 64.000.


Падот на барањата за азил во голема мера се припишува на соборувањето на Башар ал-Асад, што значително го намали бројот на Сиријци кои бараат заштита.

Наместо тоа, најголемата група на апликанти биле Венецуелци со 49.000 случаи, пред Авганистанците (42.000) и Сиријците (25.000). Речиси сите Венецуелци аплицирале во Шпанија, каде што нивниот заеднички јазик ја олеснува интеграцијата.

Барањата се намалиле во повеќето големи земји, освен во Франција. Германија забележала најголем пад, од 43 отсто, по што следуваат Италија (25 проценти) и Шпанија (13 проценти).