Јасновидецот кој точно ја предвиде пандемијата на Ковид-19, Брегзит, па дури и смртта на кралицата Елизабета Втора, прогнозираше што ќе се случи во 2026 година.
Повеќе од 30 години Крејг Хамилтон-Паркер, познат и како „новиот Нострадамус“, јавно работи како медиум и јасновидец, со неверојатна способност да ја предвидува иднината.
Неговата главна прогноза за Велика Британија за следната година е финансиски колапс што ќе предизвика политички распад.
Крејг за „Metro“ изјави: „Пролетно-летниот пазарен шок ќе ја погоди Британија посилно од остатокот на Западот, уривајќи ја довербата во владата“.

Според него, тоа ќе доведе до масовни протести, јавен гнев поради имиграцијата и трошоците за живот, што на крај ќе резултира со уставна криза, бидејќи владата нема да распише избори.
Крејг предвиде и дека владата на Стармер ќе се сруши поради внатрешни конфликти, дека Стaрмер ќе ја изгуби контролата додека внатрешните ривалства во Лабуристичката партија ќе ескалираат.
„Привремена премиерка, најверојатно Ивет Купер, накратко ќе ја стабилизира владата пред ненадејни општи избори“.
„Забрана на исламот во Велика Британија“
Во екот на овие политички промени, Крејг предвидува големи немири поради имиграциски и културни војни, со тензии што ќе го достигнат највисокото ниво во последните неколку децении.
„Обновен христијански препород се јавува како реакција на исламистичко влијание, а гласен европски говорник кој повикува на ‘забрана на исламот’ станува громобран за контроверзии“.
Неговото последно предвидување за Велика Британија е смртта на кралот Чарлс, која ќе „испрати ударни бранови низ нацијата“.

Тој додава дека „гледа скриени скандали и долго потиснувани вистини како излегуваат на површина“.
„И покрај превирањата, обновениот интерес за традиционалната христијанска вера расте и станува дел од пошироко духовно ресетирање во Велика Британија“, вели Крејг.
Предвидувања за светот во 2026 година
Крејг сподели и неколку глобални предвидувања за 2026 година, од кои најголемото е пукањето на „меурот на вештачката интелигенција“ напролет.
По драматичната корекција на акциите на компаниите за вештачка интелигенција и технолошките компании, ќе следи краток, но остар глобален пад.
„Водечката криптовалута ќе падне и до 70 проценти и сериозно ќе ја разниша довербата во индустријата ширум светот“.

Иако очекува падот да биде краткотраен, тој смета дека ќе открие длабоки структурни слабости на глобалните пазари.
Пред многу години, Крејг предвиде дека Украина ќе врати поголем дел од својата територија, додека Русија ќе задржи тесен коридор до Крим. Тој и понатаму го замислува ова сценарио по ненадеен договор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Тоа би ја завршило војната меѓу Русија и Украина, но според него, со тоа „тензиите само ќе се префрлат на друго место, особено кон Далечниот Исток“.
Во Кина, Крејг предвидува период на „видлив внатрешен распад“, одбележан со работници без плати, замрзнати обврзници и голема инфраструктурна катастрофа, при што му се „јавува“ железничка несреќа или нешто поврзано со браната „Three Gorges Dam“.

Тој, исто така, предвидува дека висок функционер ќе исчезне или мистериозно ќе почине, како и дека здравјето на претседателот Си Џинпинг видливо ќе се влоши, што ќе го посее „семето на идниот кинески распад“.
Низ Европа и Северна Америка, Крејг прогнозира широко распространети немири и избувнување на антимуслимански нереди.
„Њујоршки вирус“ ќе создаде хаос во САД
Тој гледа земјоделци и студенти како протестираат, особено во Франција, Германија, Италија и Холандија.
Кога станува збор за Соединетите Американски Држави, предвидува: „Левичарски активисти и исламистички фракции ќе се судрат со конзервативни групи, создавајќи културна граѓанска војна. Инцидент со ‘њујоршки вирус’ ќе предизвика дополнителен хаос“.
На крајот, тој предвидува трансформациска фаза на Блискиот Исток, особено во Иран и Сирија.
„Иранскиот режим почнува да се распаѓа под економски притисок и масовно национално обединување. Ново знаме, културен препород и симболичното враќање на Реза Пахлави ќе го означат враќањето на земјата кон нејзиниот древен персиски идентитет. Сирија го започнува ‘Проектот Феникс’, обновувајќи го своето крајбрежје во просперитетен туристички регион“.
















