Во Скопје, на кејот кон Влае, се случи напад што може да се смета за аларм за целата заедница. Жена излегла на утринско трчање и била нападната од чопор кучиња. Овој инцидент покажува колку е критична состојбата со бездомните животни и нивната контрола, и колку обичниот човек е ранлив. Секој од нас може да биде во иста ситуација — стравот од напад, болката, шокот и несигурноста стануваат дел од секојдневието ако системот не превземе мерки.
Апелираме до институциите: потребно е системско решение кое ќе ги заштити и луѓето и животните. Бездомните кучиња не смеат да бидат игнорирани или оставени сами на себе — тие заслужуваат засолништа, грижа, стерилизација, ветеринарна помош и социјализација. Соодветниот третман ќе спречи формирање на чопори кои можат да предизвикаат напади.

Од друга страна, граѓаните мора да се чувствуваат безбедно додека шетаат, трчаат или одат на работа. Институциите имаат обврска да создадат планови за контрола на бројот на кучиња, заштита на јавните простори и едукација на јавноста за безбедно однесување. Решението не смее да биде насилно или нехумано, туку интегрално — со грижа и почит кон животните, но со заштита на човековиот живот и здравје.
Следува сведоштво на една од жртвите, Сања Николовска Најдовски, кое ја покажува сериозноста на ситуацијата и повикот за акција:
Вторник, 03.02.2026, 4:30 сабајле
Излегувам да истрчам на кеј пред работа. Мирно, тивко, убаво...
Требаше да се најдам...
Posted by Sanja Nikolovska Najdovski on Saturday 7 February 2026
„Вторник, 03.02.2026, 4:30 сабајле
Излегувам да истрчам на кеј пред работа. Мирно, тивко, убаво...
Требаше да се најдам на кеј негде после Палас со Кате. Отприлика 500м претходно, се симнуваат 5,6 кучиња и лаат, застанувам, пробувам да ги избркам со викање, неуспешно, Се спуштаат уште десетина кучиња (мали, средни, големи) едно од нив ме гризнува... Ми го попречуваат патот накај Влае, прават полукруг.
Паника.
Во моментот смислив дека најпаметно е да трчам назад. Побрзо во животот немам трчано, трчав и викав по нив да престанат да ме касаат (не знам зошто мислев дека треба да ме разберат). Трчав и ме гризеа (околу 5 минути колку што покажува на саатот), се додека не се сопнав и паднав, наеднаш се престана, тишина. Престана лаењето, престана гризењето.
Јас, земјата, скинати хеланки, заби на двете нозе... Станав, тие се наредија горе, чекаат.
Добро е што доволно бев свесна дека морам да ја причекам Кате, пред што било друго да преземам. Во меѓувреме се јавив во полиција пријавив, дојдоа на местото, стигна и Кате. Заедно отидовме на ургентен во државна. Ме средија, примив тетанус во 8-ми септември зошто во државна немаа за жал. Добив угризи на 7 места, антибиотици, спрееви, преврски, лузни, извештаи, записници... И страв, страв од кучиња, страв од градот и од државата каде што живеам, овде обичниот човек не вреди ништо.
Со постов сакам само да ве освестам да се чувате и да се надеваме дека овој проблем системски ќе биде решен што поскоро.
ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ!“

Во својата објава таа апелира до:
• Агенција За Храна И Ветеринарство ;
• Град Скопје;
• ЈП Лајка Скопје ;
• Општина Карпош , Скопје Република Македонија.
Овој апел е повик за акција: институциите мора да превземат мерки за контрола, грижа и заштита. Кучињата заслужуваат љубов и внимание, а луѓето заслужуваат да се движат слободно и безбедно. Решение кое ги штити и двете страни е возможно, но потребна е брза, системска и хумана интервенција.
















