Откриени нови детали за киднапирањето на Даниел Кајмакоски: „Очекувале да има пари во себе или некој да му донесе за половина час“

Точка

09/02/2026

19:03

1.007

Големина на фонт

а а а

Пејачот Даниел Кајмакоски доживеал вистинска драма во Белград, кога по настап во Бетон хала беше киднапиран, а потоа пронајден врзан во автомобил од кој киднаперите побегнале. Благодарение на брзата реакција на полицијата и пријавата од негов пријател, случајот доби епилог без потешки последици за пејачот, додека по осомничените сè уште се трага.

Кајмакоски таа вечер настапувал во еден локал во Бетон хала, а драмата започнала во моментот кога излегол од објектот. Според досегашните информации, му пришле двајца мажи, заканувајќи му се со нож и пиштол, по што го турнале во автомобил и го врзале.

Пријател на пејачот набрзо го пријавил киднапирањето, по што полицијата брзо го идентификувала возилото и успеала да го запре, а Даниел бил пронајден и спасен. Киднаперите, сепак, успеале да побегнат.

„Киднапирање без сериозна подготовка“

За случајот за „Blic dan“ зборуваше и полковникот на српското МВР Милан Миловиќ, кој 30 години се занимава со обезбедување на високи функционери и смета дека станува збор за непланирана и непромислена криминална акција.


„Ова е буквално ситуациско киднапирање. Тие двајца, непотврдени странски државјани, знаеле дека тој таму настапува, очекувале дека има пари во себе или дека може некого да повика за во рок од половина час, час – да му донесе пари и тие да го пуштат. Меѓутоа, нивниот план пропаднал. Прашање е оружјето што го користеле, дали тоа е вистински пиштол или реплика“, изјави Миловиќ.

Бетон хала – најмалку очекувано место за злосторство

Ибро Ибрахимовиќ, советник на потпретседателот на владата и член на бирото за борба против корупција и трговија со луѓе, укажа на нелогичностите во изборот на локацијата за вакво кривично дело.

Бетон хала е место каде што вакви киднапирања најмалку се очекуваат. Имате објекти покриени со камери, огромна фреквенција на луѓе, а од друга страна, доколку се подготвува таа одредена акција, логично е да се изврши обиколка на теренот и да се види дека има полициски пункт веднаш до рампата што излегува од паркингот“, изјави Ибрахимовиќ.


„Дополнително ќе се утврди дали се странци“

Соговорниците истакнуваат дека фактот што пејачот се враќал од настап можел да ги наведе киднаперите да претпостават дека има поголема сума пари во себе. Сепак, дополнително внимание привлекува информацијата дека осомничените наводно се странски државјани, можеби од Турција, што ќе биде предмет на понатамошна истрага.

„Со оглед на тоа што доаѓал од настап, една од претпоставките е дека имал пари во себе. Проблематично е тоа што се зборува дека станува збор за странци. Ќе видиме дали е така. Ова е нешто што ја вознемирува јавноста, а една од целите на криминалот е токму вознемирување на јавноста“, изјави Ибрахимовиќ.

Неуспешен обид без логистика

Двајцата соговорници се согласни дека од самиот начин на извршување може да се заклучи дека киднапирањето не било сериозно испланирано. Укажуваат на лошата координација, погрешниот избор на локација и фактот дека полицискиот пункт бил во непосредна близина, што ваквата акција ја прави речиси неверојатна.

„Се гледаше и од начинот на комуникација, од местото, од позицијата… Можноста ова да се изведе перфектно – да се киднапира, да се земат пари и да се исчезне – е минимална. Суштината е дека за вакво дело е потребна сериозна логистика. Можеле да го почекаат на многу други места – пред зграда, на пример. Вие сте на паркинг, на 15 метри од вас има полициски пункт и го правите тоа – навистина неверојатно“, заклучи Ибрахимовиќ за „Blic TV“.


[Рума, местото каде што беше пронајден киднапираниот пејач]

Потрагата продолжува

За среќа, инцидентот за Даниел Кајмакоски заврши без потешки последици. Полицијата и понатаму интензивно трага по киднаперите, а последните информации укажуваат дека осомничените се опколени во шума кај Рума.