Европската комисија предлага нов пакет санкции против Русија

Макфакс

06/02/2026

17:52

149

Големина на фонт

а а а

Европската комисија предложи 20-ти пакет санкции против Русија насочени кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, со цел да се усвои пред четвртата годишнина од војната на 22 февруари.

„Комисијата предлага нов пакет санкции, 20-ти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Новиот пакет предлага целосна забрана за поморски услуги за транспорт на руска сурова нафта за дополнително намалување на приходите од продажба на енергија и отежнување на наоѓањето купувачи за руска нафта.

„Бидејќи превозот е глобален бизнис, предлагаме оваа целосна забрана да се усвои во координација со истомислечките земји по одлуката на Г7“, рече претседателката на Комисијата.

Новиот пакет вклучува додавање на уште 43 бродови од таканаречената руска флота во сенка на листата на санкционирани бродови. Вкупниот број на вакви бродови, кои Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите, сега изнесува 640. Исто така, се предлагаат мерки за да се отежни набавката на танкери за својата флота во сенка, како и сеопфатна забрана за обезбедување одржување и други услуги за танкери за течен природен гас и мразокршачи.

Вториот дел од санкциите се однесува на мерките за ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни канали за плаќање за финансирање на економската активност. Уште 20 руски регионални банки се додадени на списокот на санкционирани, како и неколку банки во трети земји кои се вклучени во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока.

Се предлагаат и мерки против криптовалутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат тргување со криптовалути за да се отежни заобиколувањето на санкциите.

Третиот дел од новиот пакет санкции се однесува на мерките за заострување на ограничувањата за извоз во Русија на стоки и услуги – од гуми до трактори и услуги за сајбер безбедност.

Исто така, се предлага нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали, кои сè уште не се под санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на предмети и технологии што се користат за напорите на Русија на бојното поле, како што се материјали што се користат за производство на експлозиви.

Претседателката на Комисијата ги повикува земјите-членки што е можно поскоро да го одобрат овој пакет санкции „со цел да се испрати силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од оваа војна“.

Фон дер Лајен рече дека фискалните приходи на Русија од нафта и гас се намалиле за 24 проценти во 2025 година во споредба со претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.

„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Ова го потврдува она што веќе го знаевме – дека нашите санкции функционираат и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, рече фон дер Лајен.