САД ги сакаат овие клучни минерали: На патот им стојат милитанти вооружени со американско оружје

Точка

05/02/2026

23:07

757

Големина на фонт

а а а

Во свиоците на планините Хиндукуш во Пакистан, во една од најнепристапните и најбезвластни области во светот, од падината на ридот зјае огромна, избраздена јама. Под зимското сонце таа блеска како рана во земјата, на само околу 16 километри од границата со Авганистан.

Од тој кратер – рудникот за бакар „Muhammad Khel“ – минатата година биле ископани околу 22 илјади тони бакар, вреден стотици милиони долари, по што бил испратен во Кина, земја со речиси незаситна глад за метали и минерали.

Во соседната покраина има уште еден рудник за бакар за кој Пакистан тврди дека може да даде речиси десет пати поголеми количества – што одговара на една петтина од вкупната годишна потрошувачка на бакар во САД. Тој потенцијал е толку примамлив за администрацијата во Вашингтон, исто така гладна за ресурси, што за стартување на проектот издвоила повеќе од една милијарда долари.


Пакистан тврди дека под неговото тло се крие уште многу поголемо богатство – проценети осум билиони долари во бакар, литиум, кобалт, злато, антимонски руди и други клучни минерали. Токму тоа тврдење го „подмачкало“ необичното пријателство со американскиот претседател Доналд Трамп, кој набавката на минерали ја постави во самиот центар на американската надворешна политика.

Но богатството на кое Пакистан полага право се наоѓа во погранични подрачја разорени од децении џихадистички бунтови, кои станале уште пораспространети и посмртоносни по хаотичното повлекување на САД од Авганистан во 2021 година, кога таму останало вистинско изобилство напуштено оружје, пишува „CNN“.

На ексклузивно патување во некои од најопасните области на Пакистан, екипата на „CNN“ видела стотици американски пушки, митралези и снајпери – сите останати од американската војна во соседството, а сите запленети од нова генерација џихадисти и бунтовници.

Американско оружје

Околу 80 километри од рудникот „Muhammad Khel“, во близина на западниот град Вана, пред зградата на военото кадетско училиште кое неодамна било цел на самоубиствен напад на Пакистанските талибанци, еден полковник покажал крвава марама и три пушки M-16 запленети од напаѓачот. На марамата, на урду и на англиски јазик, биле испишани слогани што упатувале на подготвеност на носителот за мачеништво. А на пушките стоел печат: „Сопственост на Владата на САД. Произведено во Колумбија, Јужна Каролина“.

Високотехнолошкиот арсенал што САД го оставил зад себе сега дополнително ги поттикнува бунтовите во пограничниот регион и сериозно ги отежнува напорите на САД и Пакистан да ги искористат огромните минерални богатства.

Повеќе од 90% од глобалното производство на рафинирани ретки земни елементи – клучни за сè, од Ајфони до електрични возила – се наоѓа под кинеска контрола.

Тој речиси монопол над ретките земни метали и нивната преработка стана едно од најсилните оружја на Кина во трговската војна со САД, а Трамп се обидува да го разбие. Во првата година од мандатот потпишал договори со Австралија, Камбоџа и Тајланд за да обезбеди иден пристап до клучни минерали, ветувајќи дека САД ќе ги имаат „повеќе отколку што ќе знаете што да правите со нив“.


Сфаќајќи ја пораката, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и фелдмаршал Асим Мунир донеле необичен реквизит на нивната прва заедничка посета на Белата куќа во септември – куфер со примероци од ретки земни елементи за кои рекле дека биле извадени од пакистанско тло.

Трамп бил воодушевен.

Веќе следниот месец јавно го пофалил Асим Мунир, нарекувајќи го „својот омилен фелдмаршал“.


Пакистан дополнително му го привлече вниманието истакнувајќи ги огромните наоѓалишта на бакар – метал клучен за електрични кабли, полупроводници што стојат зад развојот на вештачката интелигенција и бројни технологии во одбранбената индустрија.

Експертите зборуваат за „бакарна треска“ во свет што забрзано се дигитализира и електрифицира: глобалната побарувачка треба да порасне од денешните 30 милиони тони годишно на 50 милиони до 2050 година.

„Бакарот ќе го движи секој дел од нашата модерна економија, а ние се соочуваме со структурен недостиг“, изјавил д-р Граселин Баскаран, директорка на Програмата за безбедност на клучните минерали при Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Тој недостиг, додала таа, ги прави САД помалку конкурентни во преработката на ретките земни елементи.

Во декември, највисокиот американски дипломат во Пакистан објавил дека американската Извозно-увозна банка (EXIM Bank) одобрила 1,25 милијарди долари финансирање за поддршка на експлоатацијата на клучни минерали во Реко Дик, во југозападната покраина Балочистан.

Според канадската компанија „Barrick“, која го предводи развојот на проектот, таму се наоѓаат најголемите неразвиени резерви на бакар во светот.

Финансиска преродба

Многумина во Пакистан – земја чиешто стопанство со децении се сопнува од криза во криза и која од 1958 година примила дури 24 пакети помош од Меѓународниот монетарен фонд – се надеваат дека токму рудното богатство може да донесе финансиска преродба.

САД „имаат многу што да му понудат на народот на Пакистан, како и на стабилноста и просперитетот на земјата“, изјавил за „CNN“ портпаролот на пакистанската војска, генерал-потпоручник Ахмед Шариф Чоудри.

Засилената активност откако Трамп дојде на власт не поминала незабележано во Пекинг, каде што официјални лица тврдат дека нивните долгогодишни сојузници во Исламабад им дале уверувања дека соработката со Америка нема да им наштети на кинеските интереси.

Иако благородните метали се во центарот на голема геополитичка борба, патот до нив во Пакистан води низ крвав локален конфликт.

Во силно осветлен, специјално определен болнички оддел во северозападниот град Пешавар, десетици ранети млади луѓе лежат под темноцрвени покривки.

Медицинските апарати тивко ѕвечат, персоналот шепоти. Од друг оддел, недалеку, се слушаат продорни крици на пациент.


Во тишина седи 30-годишниот Алах Удин. Нозете му биле тешко ранети една недела пред „CNN“ да го запознае, кога пакистанските талибанци од заседа нападнале конвој што тој го обезбедувал – во истиот округ каде што се наоѓа рудникот „Muhammad Khel“. Тоа му бил прв борбен судир. Денес тој е лице со двојна ампутација, со три деца и семејство за кое мора да се грижи.

Со мирен глас го опишал нападот и рекол најмногу го шокирало колку добро било оружјето на неговите непријатели.

„Не знам од каде дошле, но оружјата што ги имаа…беа поинакви и подобри“.

Традиционалниот арсенал на милитантите во Пакистан го сочинувале калашникови од советско производство и рачни ракетни фрлачи, но сега се вооружени со американско оружје.

Полковникот Билал Саид, главен воен хирург во болницата во Пешавар, изјавил за „CNN“ дека наместо ранети со повреди од импровизирани експлозивни направи, сега „примаат пациенти со прострелни рани од голема далечина, односно снајперски истрели“.

Понапредно оружје

Ранетите порано доаѓале преку ден, рекол тој, а сега пристигнуваат по зајдисонце бидејќи бунтовниците не само што имаат понапредно оружје, туку и „уреди за ноќно гледање“.

Судирот во кој Удин останал без нозете е далеку од изолиран инцидент. „CNN“ разговарал со десетина други војници на одделот кои во последните недели биле ранети од куршуми или експлозии.

Според податоци на пакистанската војска, во милитантни напади низ земјата во 2025 година биле убиени повеќе од 1.200 луѓе, меѓу кои војници и цивили. Тоа е двојно повеќе од 2021 година, кога САД се повлекоа од Кабул, а авганистанските талибанци се вратија на власт. Повеќе пакистански воени претставници му рекле на „CNN“ дека во пограничните подрачја сега се води вистинска „војна“.

На патиштата во Јужен Вазиристан, „CNN“ видел бројни патроли на тешко вооружени војници во камиони. Аеродромот во Вана, најголемиот град во тој регион, врвел од безбедносни сили. Но патот кон Северен Вазиристан – каде што се наоѓа рудникот „Muhammad Khel“ – бил забранет. Премногу опасно, рекле пакистанските претставници.


Назад во Пешавар, недалеку од болницата, на „CNN“ му покажале дел од оружјето што шири ново насилство долж пакистанскиот „минерален појас“.

Повеќе од сто парчиња оружје – пушки M-16 и M-4, митралези M249, како и снајпери од марката „Remington“ – биле наредени на маси. На сите имало ознаки дека биле произведени во САД.

Пакистанските сили почнале да запленуваат американско оружје од талибански борци во 2022 и 2023 година, изјавил одбранбениот аналитичар Мухамад Мубашер, близок до војската. Денес, како што рекол тој, го гледаат „во речиси секој судир“.

Откако ги запиша сериските броеви на трите пушки M-16, употребени во самоубиствениот напад на пакистанските талибанци врз кадетското училиште кај Вана, „CNN“ според Законот за слобода на информации побарал од американската војска податоци за тоа како оружјето стигнало во Авганистан.

Командата за материјал на американската војска во „Redstone Arsenal“ во Алабама доставила податоци што покажуваат дека секоја од пушките поминала различен пат – од американски производители и воени бази до авганистанските безбедносни сили – години пред повлекувањето на САД во 2021 година.


Пентагон одбил дополнително да коментира.

Според пакистански воени извори, американските пушки M-16 и карабини M-4 завршиле и во рацете на друга бунтовничка група – Ослободителната војска на Балочистан (БЛА).

БЛА со децении води сепаратистичка побуна за поголема политичка автономија и економски развој на стратешки важниот и со минерали богат Балочистан, каде што се наоѓа рудникот „Reko Diq“ и други наоѓалишта на бакар и минерали.

На прашањето дали пакистанските сили имаат оружје на исто ниво како американското, Мубашер одговорил кратко:

„Не.“

Минатиот викенд, борците на БЛА извеле низа координирани напади во кои, според пакистанската војска, биле убиени 33 лица, што дополнително ги продлабочило сомнежите околу изводливоста на американската минерална политика во таа покраина и пошироко. Пакистанските власти тврдат дека во противнападите убиле најмалку 133 милитанти.

Премиерот на покраината, Сарфраз Бугти, изјавил за „CNN“ дека „прелиминарните информации упатуваат дека меѓу нив имало и неколку авганистански државјани“ и дека „нема сомнеж дека поголемиот дел од користеното оружје било од американско производство и потекнувало од Авганистан“.

Мајкл Кугелман, виш соработник за Јужна Азија во „Atlantic Council“, изјавил за „CNN“ дека Балочистан истовремено е „нулта точка за можностите поврзани со клучните минерали, но и нулта точка кога станува збор за милитантните закани“.

Откако САД, по нападите на 11 септември, ги протерале талибанците од Кабул, тие обучиле нова авганистанска војска и ја снабдијле со оружје и опрема вредни милијарди долари, надевајќи се дека новата власт ќе го спречи враќањето на талибанците.


„Не планирате колапс. Планирате продолжување на операциите и спречување колапс“, рекол пензионираниот полковник на американското воено воздухопловство Скот Јитмен, кој до два месеца пред повторното заземање на Кабул бил главен американски советник на авганистанските воздухопловни сили.

Но за време на паничното повлекување во август 2021, американските сили зад себе оставиле огромна количина оружје и воена опрема.

Околу 300.000 парчиња лесно оружје останале во Авганистан, изјавил Џон Сопко, кој 12 години бил специјален главен инспектор за американската програма за обнова на Авганистан вредна 148 милијарди долари.

Оставена била и електронска опрема, вклучувајќи „комуникациска опрема, ракетни фрлачи, фрлачи гранати, минофрлачи, топови, тешки митралези, опрема за надзор и уреди за ноќно гледање“.

Авганистан денес, како што рекол Сопко, практично е најголем светски пазар за оружје. „Ако сакате да ја опремите вашата терористичка или бунтовничка организација, Авганистан е местото каде треба да одите“.

Исламабад одамна го обвинува Авганистан дека дава засолниште на милитантни групи, што талибанските лидери го негираат.

„Сите соседи треба да бидат загрижени“

Во изјава за „CNN“, авганистанските талибанци навеле дека целото оружје оставено по повлекувањето на САД е под нивна „контрола и заштита“.

Сопко истакнал дека е „вознемирувачки“ колку тоа оружје денес е раширено низ регионот.

„Сите соседи на Авганистан, вклучувајќи го Пакистан, Иран, па дури и Кина, треба да бидат загрижени“.

Трамп побарал авганистанските талибанци – кои имаат блиски врски со пакистанските талибанци – да го вратат американското оружје, но без успех. „CNN“ му се обратил на Пентагон со прашање дали во моментов се водат преговори за враќање на тоа оружје.


Администрацијата презема и други чекори.

Во август, БЛА бил прогласена за терористичка организација. Истиот месец, американските сили со пакистанските колеги одржале „Дијалог за борба против тероризмот“, на кој разговарале за заеднички напори против БЛА, Исламска држава – покраина Хорасан (ISKP) и Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP) — групи кои одамна им создаваат проблеми на пакистанските власти.

Во јануари, двете армии завршиле заедничка обука во Пакистан која, според американската Централна команда, била фокусирана на заеднички пешадиски вештини, тактики и противтерористички операции.

Чоудри, портпарол на пакистанската војска, бил категоричен: Исламабад ќе направи сè за да ги обезбеди подрачјата богати со минерали и да осигури дека рударската инфраструктура ќе биде „на светско ниво“.

„Ќе го решиме тоа“,изјавил тој за „CNN“. „Немаме друга опција“.


Тоа веројатно значи уште борби во сувите планини против оживеано џихадистичко движење кое, благодарение на американското оружје може да ги надвладее своите противници.

На болничкиот оддел во Пешавар, Удин и другите ранети војници остануваат немоќни и бесни.

„Возвратив со оган, но не можев да ги досегнам“, изјавил Удин за „CNN“ за судирот во кој ги изгубил двете нозе.

„Многу сум лут — дали гледате во каква состојба сум … Ги гледам ранетите соборци околу мене и тоа ме прави уште полут“, нагласил тој.