Бурата „Леонардо“ предизвика големи поплави во Андалузија, кои принудија евакуација на околу 8.600 луѓе, додека една жена почина откако беше однесена од поројна вода во покраината Малага.
Во Кордоба, нивото на водата на реката Гвадалкивир е на критично ниво, бидејќи сегашното ниво од 5,5 метри е двојно повисоко од нивото за црвена тревога, а Римскиот мост на таа река е затворен поради опасност. Градоначалникот на Кордоба предупреди дека е потребно да се испушти вода од акумулациите и дека се очекуваат уште поголеми поплави.
Приградскиот железнички сообраќај помеѓу Севиља и Кадис не работи, а услугата е само делумно оперативна во Малага. Регионалните владини претставници во Малага објавија дека временските прогнози укажуваат на можност за бури и повремени врнежи од дожд. Во градот Грасалеми, сите жители беа евакуирани.
Поради снежните врнежи на север од Шпанија, 16 патишта беа затворени, а уште 21 беа погодени. Најпогодените патишта се во Гранада, Леон, Саламанка, Касерес, Навара. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, ја посети Андалузија и рече дека земјата ќе биде со жителите. Прво со хеликоптер прелета над некои од најкритичните области на покраината Кадиз, а потоа ја посети и напредната командна станица лоцирана во градот Сан Роке, во регионот Кампо де Гибралтар.
„Нè очекуваат долги денови. Важно е целата земја да застане покрај жителите додека не заврши оваа криза, не само во однос на итноста, туку и во однос на важните работи, кои ќе дојдат кога ќе поминат овие неповолни настани и кога ќе мора да се соочиме со реконструкцијата и преродбата на погодените области“, рече тој.
Тој ги замоли погодените за „разбирање и трпение“ и за доверба во експертите кои знаат како да се справат со климатската криза. Според него, од почетокот на бурата, централната влада распоредила „повеќе од 10.000 луѓе на терен“ во координација со регионалната влада на Андалузија.












