[ВИДЕО/ФОТО] „Новата гордост на Галичица“: Убавината на елените низ објективот на Тоше Огњанов, погледнете ги овие бајковити сцени

Точка

06/02/2026

13:03

1.043

Големина на фонт

а а а

Елените што живеат во Националниот парк Галичица претставуваат еден од највредните природни симболи на ова заштитено подрачје. Нивната грациозност и впечатлива појава неодамна беа овековечени преку фотографиите на фоторепортерот Тоше Огњанов.

Тој сподели серија фотографии на кои се прикажани елените сместени во репродуктивниот центар за европски елен, додека спокојно се движат низ снежните предели на Галичица. Сцените, кои наликуваат на илустрации од бајка, ја нагласуваат природната рамнотежа меѓу дивиот свет и зимската планинска околина.

Како што раскажува Огњанов, имал можност неколку часа да помине со ренџерот Лазе и неговите соработници Кире и Јане, кои секојдневно се грижат за елените. Според него, нивниот однос кон животните е исклучително посветен и топол, како кон семејство, со постојана грижа за нивната благосостојба и безбедност.

„Неколку дена се мислев кои фотографии да ги објавам, но толку се интересни и мили, што речиси сите ви ги покажувам. Елените – новата гордост на Галичица“, напиша Огњанов во објава на социјалните мрежи.

Репродуктивниот центар за европски елен е лоциран на местото наречено „Косто бачило“ и зафаќа површина од околу 90 хектари. Во моментов таму живеат приближно 100 елени, а според плановите, дел од нив постепено ќе бидат пуштени надвор од оградениот простор, со цел постепено навикнување и враќање во природната средина.

Европскиот елен е животински вид со изразена социјална организација. Машките единки се препознатливи по своите масивни рогови, додека женките се движат во групи предводени од доминантна единка. Тие најчесто живеат во листопадни шуми и планински области, а како тревопасни животни најчесто пасат на шумските ливади и ги брстат лисјата од дрвјата и грмушките.

Од Јавната установа Национален парк Галичица потенцираат дека елените не се наменети за лов. Нивната улога е исклучиво еколошка – активно учество во управувањето со екосистемите и зачувување на високопланинските пасишта, кои низ историјата се одржувале преку напасување, косење и други традиционални активности.


Бидејќи враќањето на традиционалното сточарство не е реална опција, преку реинтродукцијата на европскиот елен, Паркот настојува да воспостави одржлив и ефикасен начин за заштита на биолошката разновидност и пределските вредности.

Дополнително, можноста елените да се сретнат и набљудуваат во нивното природно живеалиште значително ја зголемува атрактивноста на Галичица како туристичка дестинација. Надлежните сметаат дека тоа ќе донесе повеќе посетители, но и поголема свест кај јавноста за значењето на зачувувањето на природното наследство, пренесува „Слободен печат“.