[ВИДЕО] 20 возила изнесувале дрога од поранешната ОХИС, неофицијално запленети рекордни 27 тони марихуана на две локации – Мицкоски најави: „Граѓаните ќе слушнат катастрофални податоци“

Точка

06/02/2026

09:31

1.665

Големина на фонт

а а а

Седум комбиња, еден мини-камион, шест товарни камиони и шест патнички возила вчера биле забележани како ја напуштаат локацијата на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде што е регистрирано седиштето на компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“.

Станува збор за фирма со дејност производство и преработка на медицински канабис, од каде, според сознанијата на „Скопје1“, биле одземени околу 9 тони марихуана.


Извори наведуваат дека на терен, покрај полициски службеници и истражители, биле присутни и медицински екипи, а во акцијата биле вклучени и возила на Царинската управа. Обемната логистика и засиленото присуство на институциите укажуваат на сериозноста и размерите на полициската операција.

Како втора локација од која се конфискувала марихуана, извори на „Скопје1“ го посочуваат струмичкиот регион, каде што биле запленети дополнителни околу 18 тони марихуана. Со тоа, вкупната количина на запленета дрога во рамки на координираната акција достигнува приближно 27 тони, што ја вбројува меѓу најголемите заплени евидентирани досега.

Од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција засега не излегуваат со официјални информации, со образложение дека претресите и проверките сè уште траат.

Оваа акција следува откако пред четири дена српските власти соопштија дека на нивна територија биле пронајдени и одземени пет тони марихуана, за кои беше наведено дека потекнуваат од Македонија и биле наменети за српскиот пазар. Според информациите од Србија, дрогата била складирана во магацин во село во близина на Крушевац.

Во центарот на истрагата се наоѓа компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, основана во 2023 година, со регистрирана дејност одгледување и преработка на билки, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека фирмата располага со основна главнина од околу 529 илјади евра и има повеќе косопственици. Дополнително внимание привлекува фактот што во сопственичката структура биле направени измени само неколку дена пред српските органи да ја откријат и запленат пратката од пет тони марихуана.

Во Србија, според официјалните информации, под истрага се пет лица, од кои две се сè уште недостапни за надлежните институции. Тие се осомничени за неовластено производство и трговија со наркотични дроги. Во однос на Македонија, бројот на осомничени и кривичните дела за кои постојат сомневања ќе бидат објавени по завршувањето на целосната истражна постапка, кога се очекува и официјална потврда за заплената од над 27 тони марихуана.

Мицкоски: Граѓаните ќе слушнат катастрофални податоци

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во интервју за МРТ изјави дека станува збор за исклучително сериозен случај и најави дека во наредниот период Министерството за внатрешни работи ќе објави податоци за десетици тони дрога кои незаконски биле складирани или пуштани во промет.


„Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација. Оваа акција трае со години и не сме можеле секогаш јавно да изнесуваме бројки. Но, она што ќе го слушнат и видат ќе биде навистина катастрофално“, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека креаторите на ваквите политики од минатото мора да сносат одговорност, додавајќи дека многу млади луѓе станале жртви на ваквиот начин на функционирање.

Од МВР и Обвинителството најавуваат дека дополнителни информации ќе бидат соопштени по завршување на истражната постапка.