Деветгодишно момче се здобило со тешки повреди откако испробало еден од најновите трендови од социјалните мрежи, предупредуваат лекарите и експертите за безбедност на децата.
Калеб Чабола се подготвувал за училиште на 20 јануари, кога се обидел да ја загрее својата желатинеста играчка „NeeDoh Nice Cube“ во микробранова печка, пренесе „People“.
Мајката го слушнала вресокот
Тој сакал играчката да стане помека и полесна за обликување, а на идејата дошол по разговор со другар кој му раскажал за најновиот тренд.
Ова го потврдила и неговата мајка, Витни Чабола, која во моментот на несреќата била во гаражата и слушнала како момчето ја вклучува микробрановата во кујната. Помислила дека сакал да си го загрее појадокот.

Откако го слушнала вресокот, сфатила дека нешто не е во ред. Се покажало дека играчката „експлодирала“ штом момчето го отворило апаратот, а желатинестата маса завршила на неговите раце и лице.
Мајката се обидела да ја измие супстанцијата со вода, но безуспешно. Веднаш го однела синот во болница, по што бил префрлен во локален Центар за изгореници.
Изгореници од втор степен
Лекарите потврдиле дека неговиот вид не е загрозен, а Калеб закрепнува дома.
Мајката објаснила дека момчето се здобило со изгореници од втор степен на едната страна од лицето и на рацете. Се очекува во наредните денови да се врати на училиште.

Според официјалната страница на производителот, играчката „NeeDoh Nice Cube“ е совршена за „истегнување, притискање и гмечење“. Истовремено, на страницата стои и предупредување: „Не загревајте, не замрзнувајте, не ставајте во микробранова, бидејќи може да предизвика повреди“.
Специјалистите од Центарот за изгореници истакнале дека Калеб има „среќа што не се здобил со уште потешки повреди“.

„Овие вирални трендови можат да бидат исклучително опасни за децата, кои често не ги разбираат последиците од своите постапки“, истакнале тие.











