[ВИДЕО] Турист во Рим наседнал на измама со сладолед, луѓето му порачаа: „Најстариот трик во светот“

Точка

05/02/2026

19:47

1.089

Големина на фонт

а а а

Семејниот одмор во Рим добил горчлив вкус откако секојдневното купување сладолед се претворила во лекција која, како што велат, многу туристи ја учат на потешкиот начин.

Еден турист на ТикТок обвинил слаткарница дека го измамила, откако без предупредување ја удвоила цената, а неговата објава станала вирална.

Во видеото што го објавил корисникот „cable2table“, објаснил како тој, сопругата и ќерката секој ден купувале џелато и слатки во истиот ланец. Во поголемиот дел од патувањето, два мали сладоледа ги плаќале околу 7 евра. Но, еден ден цената за истата нарачка, без никакво објаснување, скокнала на речиси 17 евра.

Кога го прашал касиерот за што станува збор и му го покажал изводот од банка, тврди дека му било одговорено: „Цените ги менуваме секој ден“, и дека, без разлика на сè, морал да плати.

Повик на бојкот

Фрустриран, авторот на видеото ги повикал корисниците на ТикТок да го споделат неговото искуство и да ја избегнуваат споменатата слаткарница. Додал дека верува оти истото им се случува и на други туристи, особено откако на интернет пронашол рецензии со многу слични приказни. Видеото предизвикало 3.300 реакции, а многу корисници на коментирале дека ситуацијата им звучи познато.


„Тоа е буквално најстариот трик на светот за туристички места“, забележал еден корисник и советувал: „Никогаш не плаќајте со картичка – секогаш прво прашајте за цена и платете во готово. Земете и фискална сметка“.

„Рим е преполн со туристи. Гарантирам дека многу продавници мамат“, тврдел друг коментатор.

Еден корисник посочил и на италијанските закони за заштита на потрошувачите: „Законот налага ценовник со сите опции да биде истакнат во продавницата. Секогаш чувајте ги сметките, а ако сè уште сте во Рим, јавете се во финансиската полиција, „Guardia di Finanza“, на број 117 и пријавете ја оваа продавница. Сметките ви се доказ. Цените не се менуваат секој ден“.


Загриженоста поради наплатување претерано високи цени на туристите не е новост во Вечниот град. Страницата „Rome.info“ наведува дека „измамите и туристичките замки се чести во секој голем град затоа што измамниците имаат бројна публика“ и додава дека посетителите пред патувањето треба да се информираат за вообичаените тактики.

„Ако за момент ја оставиме романтиката настрана, важно е да се едуцираме за можните туристички замки што се вообичаени во голем град, како и за оние што се специфични токму за самиот Рим“, се додава на страницата.


Патници, внимавајте

Слаткарниците со џелато особено се издвојуваат како места каде туристите треба да бидат внимателни. „Rome.info“ им советува на патниците да бидат сомничави кон локали кои повеќе се потпираат на впечатлива презентација отколку на квалитет. Објаснуваат дека некои знаци на лош или прескап сладолед се неприродни интензивни бои и сладолед натрупан во високи купови за да ги привлече минувачите.

Слични предупредувања се наведуваат и во водичот што го објавила „Carpe Diem Tours“, туристичка компанија од Рим.

„Рим има приличен број измамници кои се обидуваат да извлечат пари од милионите посетители“, стои во водичот, со дополнување: „Клучно е да останете информирани за да се осигурате дека посетата ќе ви остане во убаво сеќавање од вистински причини“.


Водичот директно се осврнува и на проблемот со превисоки цени, наведувајќи дека некои ресторани и продавници ги искористуваат посетителите кои не се запознаени со локалните цени. Се нагласува дека ценовниците мора да бидат јасно истакнати и дека купувачите треба внимателно да ги проверат сметките пред да платат.

За корисникот „cable2table“ ова искуство е помалку поврзано со парите, а повеќе со подигнување на свеста. Со објавувањето на видеото како што рекол се надева дека другите ќе ги препознаат знаците за предупредување, ќе поставуваат прашања пред плаќање и ќе го избегнат она што многумина во коментарите го опишале како една од најпознатите римски туристички замки.