Овие денови еден оглас во Фејсбук групата „Sve za vjenčanja“ привлече големо внимание.
Една девојка ја ставила на продажба својата венчаница, за која вели дека е „по грешка купена, по грешка носена“.
„Купена во налет на емоции, носена затоа што веќе беше доцна да се повлече рачната. Преживеа свадба, танц, торта и животни одлуки. Фустанот е во совршена состојба, за разлика од мојата проценка во тој момент“, пишува на почетокот од огласот.

„Доаѓа без младоженец и без драма“
Во продолжение од објавата наведува дека венчаницата е идеална за „невести со хумор, брак од љубов (или чиста љубопитност) и за оние кои сакаат да носат фустан со искуство“.
„Ја продавам затоа што ја научив лекцијата, а фустанот заслужува нова шанса. Доаѓа без младоженец, без драма и без гаранција за брак. Би ставила и некоја фотографија како изгледаше на мене, но ги избришав сите фотографии од тој несреќен ден. Големина S/M“, додава девојката во објавата.

Огласот ги насмеа луѓето
Огласот привлече куп коментари.
„Подобра објава одамна немам прочитано“, „Прво си помислив: ‘кутра жена, купила погрешна венчаница’, а потоа продолжив да читам и се засркнав со кафето колку ме насмеавте“, „Веќе не сум за мажачка, но дека ова е еден од најдобрите, ако не и најдобриот оглас некогаш – да“, „Јас веднаш би ја купила само поради огласот, но одамна одлучив дека еднаш ми беше доволно и никогаш повеќе“, „Важно е ти, сестро, што си се спасила“, се само дел од коментарите.







