Популацијата на африканските пингвини во последните 30 години се намалила за околу 80 отсто.
Причините се загадувањето, уништувањето на живеалиштата и недостигот на храна, а пингвините, поради недостигот на храна, почнале да ги хранат своите младенчиња со камчиња, соопшти „SANCCOB“, Јужноафриканската фондација за заштита на крајбрежни птици.

Истражувањето, кое таа фондација го спровела заедно со јужноафриканското Министерство за шумарство, рибарство и животна средина на Јужна Африка и британскиот Универзитет во Ексетер, го наведе гладувањето како водечка причина за смрт кај африканските пингвини, пренесе денеска „CNN“.
Според истражувањето, повеќе од 60.000 пингвини угинале од неисхранетост меѓу 2004 и 2011 година на островите Робен и Дасен, кои се две од најважните области за размножување на пингвините во Јужна Африка.

Африканските пингвини се хранат со мали јата риби, како сардини и инчуни, но климатските промени и комерцијалниот риболов значително го намалиле нивниот број. Долж јужноафриканскиот брег сардините стануваат сè поретки, што ги принудува пингвините да пливаат многу подалеку од брегот за да пронајдат храна.

Студијата, исто така, открила дека речиси две децении бројот на сардини е хронично низок – околу 25 отсто во споредба со некогашниот број во регионот на западна Јужна Африка, додека долж брегот на Намибија, некогашното упориште на африканските пингвини, порастот на температурата на океанот, промените во соленоста и прекумерниот риболов довеле до тоа популацијата на сардини речиси да исчезне.

Претставничката на „SANCCOB“, Робин Фрејзер-Ноулс, изјавила дека организацијата минатата година примила 948 пингвини и дека тие биле примени „во најдобар случај – премногу слаби“. Според неа, еден возрасен пингвин кој неодамна бил примен тежел само 1,9 килограми, што е помалку од половина од оптималната тежина од околу четири килограми.

„Веќе не можете да најдете пингвини во дивината кои имаат идеална телесна тежина. Родителите беа толку очајни што ги хранеа бебињата со камчиња“, нагласила Фрејзер-Ноулс.
Според ветеринарот на „SANCCOB“, Дејвид Робертс, неисхранетоста влијае и врз годишното митарење на пингвините.

Африканските пингвини минуваат низ годишно митарење, при што остануваат на копно и постат до три недели, додека не ги отфрлат истрошените пердуви и не им пораснат нови – за да им биде топло, да можат да пловат и да ловат во студените океански води. Но кога храната е оскудна, тие не можат доволно брзо да натрупаат резерви на масти потребни за преживување, па митарењето може да се одложи или целосно да пропадне.

„Доаѓаат (во SANCCOB) со навистина старо, оштетени пердуви и мораме да ги храниме и да го ’поттикнеме‘ тој циклус на митарење, бидејќи тоа едноставно повеќе не можат да го прават во дивината“, изјавил Дејвид Робертс за „CNN“.
Африканскиот пингвин во 2024 година бил наведен како критично загрозен вид од страна на „IUCN“, а денес се смета дека во дивината останале помалку од 10.000 парови што се размножуваат.















