TikTok" во САД во голема криза и пад – еве кој полека го заменува

Точка

03/02/2026

16:18

303

Големина на фонт

а а а

Откако "TikTok" во САД ја промени сопственичката структура за да избегне забрана, платформата ја погодија технички проблеми и обвинувања за цензура. Во тој хаос нагло расте „UpScrolled“, нова социјална апликација која се претставува како алтернатива на големите платформи.

Во САД во последните денови нагло се зголеми интересот за апликацијата „UpScrolled“, пишува „Al Jazeera“, по превирањата околу „TikTok“ и промените што следеа по т.н. „американско преземање“.

Зошто „TikTok“ „пука“ во Америка

Позадината на приказната е повеќегодишниот притисок од американските власти „TikTok“ да се одвои од кинескиот сопственик „ByteDance“ поради безбедносни и политички грижи, што на крај заврши со модел на нова американска структура. Според „Reuters“, кон крајот на јануари 2026 година беше договорено формирање нова заедничка компанија за американскиот пазар, со мнозински удел на инвеститори поврзани со „Oracle“, додека „ByteDance“ задржува малцински удел.

Сепак, првата фаза од транзицијата не помина без проблеми. „AP News“ наведува дека корисниците пријавувале дефекти, проблеми со прикажување на прегледи и објавување содржини, а паралелно се прошириле и обвинувања дека политички чувствителна содржина се потиснува – особено значајно во екот на големата политичка криза во САД – што дополнително ја наруши довербата. „AP“ спомнува и силен раст на деинсталирања на апликацијата во деновите по промената на сопственоста.

Дел од медиумите дополнително ја истакнуваат загриженоста околу приватноста и околу тоа што ќе се случи со алгоритмот и досегот на креаторите под новиот модел на управување, па дел од публиката почна да бара „резервна опција“.

Како се појави „UpScrolled“

Во тој момент „UpScrolled“, според „Al Jazeera“, се искачи на врвот на листите во американскиот „App Store“ во категоријата „social networking“, а аналитичарите за преземања наведуваат дека најголемиот дел од американските инсталации се случиле во само неколку дена, меѓу 21 и 27 јануари.

Апликацијата се претставува како „простор за послободно објавување“ и е микс од класичен фид со кратки видеа, па на многумина им изгледа како позната комбинација од она што веќе го користат на „TikTok“ и „Instagram“. Во исто време, важно е да се нагласи дека станува збор за сè уште многу нова платформа, па допрва ќе се види дали ќе успее да ги задржи корисниците кога „TikTok“ ќе се стабилизира и кога ќе помине првиот бран на љубопитност.

Иако ова првенствено е американска приказна бидејќи е поврзана со нивната регулатива и сопственички модел, познато е дека трендовите на миграција брзо се прелеваат и на други пазари, особено кај креаторите кои објавуваат глобално. Ако следите американска „TikTok“ содржина или работите со кратки видеа, вреди да се фрли поглед каде се сели публиката и кои апликации добиваат замав.