Наглиот развој на вештачката интелигенција (AI) ќе направи победници, но по патот ќе има и „масакр“, предупреди челникот на американскиот технолошки гигант.
Чак Робинс, претседател и главен извршен директор на компанијата „Cisco Systems“, изјави за „BBC“ дека оваа технологија ќе биде „поголема од интернетот“, но смета дека сегашниот пазар веројатно е во балон и дека некои компании „нема да успеат“. „Cisco“, една од водечките светски технолошки компании, стои зад дел од клучната ИТ инфраструктура што овозможува секојдневна употреба на AI, пишува „BBC“.
Робинс рече дека вештачката интелигенција ќе промени, па дури и ќе „елиминира“, некои работни места, особено во области како корисничките услуги, каде што на компаниите ќе им треба „помалку луѓе“, но ги повика работниците да ја прифатат технологијата, а не да се плашат од неа.
Неговите коментари доаѓаат по серија предупредувања за неодамнешниот раст на инвестициите во AI, при што некои тврдат дека секторот претставува балон што ќе пукне, ќе ги потресе пазарите и ќе одведе компании во стечај.
Слична загриженост за „BBC“ изразија и водечки луѓе од светот на финансии и технологија. Шефот на „JPMorgan Chase“, Џејми Дајмон, рече дека дел од парите вложени во AI „веројатно ќе бидат изгубени“, додека главниот извршен директор на „Alphabet“, матичната компанија на „Google“, Сундар Пичаи, изјави дека во бумот на вештачката интелигенција постои одредена „нерационалност“. Скептиците го споредуваат наводниот балон со "dot-com" бумот и крахот од доцните 90-ти.

Споредби со "dot-com" крахот
„Cisco“ во 2000 година беше највредната компанија во светот, но нејзината вредност падна за 80% кога "dot-com" балонот пукна. Оттогаш закрепнa и денес соработува со компании како „Nvidia“, обезбедувајќи клучна инфраструктура што го поддржува AI. И покрај нарачките во вредност од 1,3 милијарди фунти само во тековниот квартал, Робинс е свесен за споредбите со "dot-com" крахот.
„Многу се дебатираше за тоа: ’Дали ова е балон?‘. Одговорот веројатно е дека да, но имавме балон и во 2000 година со интернетот. А погледнете каде сме денес“, рече тој. „Значи, ќе се појават победници, а по патот ќе има и масакр, но ова ќе биде поголемо од интернетот.“
„Чувството е многу слично (на dot-com крахот), но ќе се случи парите да бидат вложени во компании што нема да успеат. Сепак, ќе се појават победници, а примените и случаите на употреба ќе почнат да се развиваат“, додаде тој. Робинс ја спореди вештачката интелигенција со „iPhone“, за кој постојано се развиваат нови апликации, велејќи дека новите примени на технологијата ќе се појавуваат со текот на времето. Тој истакна дека AI ќе „подобри многу работи“, но и дека носи „потенцијални ризици што сите мора да ги ублажиме“.

„Прифатете ја AI на работа, не плашете се од неа“
Еден од ризиците се однесува на работните места, со растечки стравови дека AI ќе доведе до масовни отпуштања. Робинс рече дека некои работни места ќе бидат укинати, а други изменети, но дека работниците можат да напредуваат ако ја прифатат технологијата и научат да ја користат.
„Не треба толку да се грижите дека AI ќе ви ја одземе работата, колку што треба да се грижите дека ќе ви ја земе некој што одлично се служи со вештачка интелигенција“, рече тој.
Друг ризик што го носи AI е интернет-безбедноста, предупреди Робинс. „Ќе ги направи кибернападите пософистицирани. Измамите што луѓето ги гледаат во своите е-пошти ќе изгледаат поубедливо“, вели тој. Но, „Cisco“ користи квантна технологија во обид да ги ублажи ризиците што AI ги претставува за интернет-безбедноста.
„Секогаш кога сме имале голема технолошка револуција, со неа доаѓал и безбедносен ризик, а индустријата е прилично добра во пронаоѓањето и создавањето технологии што помагаат да се заштитиме од такви работи“, рече Робинс.

Велика Британија има добри шанси да стане AI велесила
Америка и Кина во моментов се доминантни сили во областа на вештачката интелигенција и се борат за превласт во оваа технологија. Но, Робинс рече дека и Обединетото Кралство напредува на тоа поле и дека има „прилично добри шанси“ и самото да стане AI велесила.
„Сè уште е доволно рано и мислам дека една работа што ја знаеме е дека земјите што ќе ја прифатат AI ќе бидат тие што ќе победат. А Обединетото Кралство, мислам, секогаш било напредно во овие технолошки транзиции“, рече тој.

Односите со администрацијата на Трамп
Освен што го поттикнува развојот на вештачката интелигенција, Робинс има клучна улога како посредник меѓу бизнис-заедницата и американскиот претседател Доналд Трамп. Робинс е на чело на организацијата „Business Roundtable“, која ги претставува водечките американски компании, и редовно разговара со администрацијата на Трамп.
За соработката со понекогаш непредвидливиот американски претседател, рече дека постои „заблуда“ дека бизнис-лидерите треба да бидат погласни во преиспитувањето и критикувањето на неговата политика. Но, тврди дека реалноста е таква што, ако се сака да се постигне резултат, „подобар начин за тоа, особено со оваа администрација, е во мали групи“.
„Ова е веројатно најпристапната администрација што сме ја имале со децении. Многу се отворени. Имаме многу дијалог“, продолжи тој. „Не се согласуваме секогаш, но барем разговараме.“














