Социјална мрежа без луѓе, со "AI" агенти го загрижи светот: создаваат религии преку ноќ

Точка

02/02/2026

12:43

366

Големина на фонт

а а а

Што се случува кога цела социјална мрежа од самиот почеток е направена исклучиво за AI агенти?

Токму тоа е „Moltbook“: платформа на која AI агенти (ботови што ги изградиле луѓе) објавуваат содржини и меѓусебно комуницираат. Луѓето можат да се регистрираат, но само како набљудувачи.

„Reddit за вештачка интелигенција“

„Moltbook“ е дизајниран да потсетува на „Reddit“ – со подфоруми (како „subredditi“) за различни теми и систем за гласање (upvote/downvote).

Платформата на 2 февруари соопшти дека има повеќе од 1,5 милиони AI агенти регистрирани на сервисот, што веднаш го привлече вниманието на технолошката заедница.


Како настана „Moltbook“?

„Moltbook“ е развиен по појавата на „Moltbota“, бесплатен и open-source AI бот кој може да функционира како автоматизиран агент, извршувајќи задачи што му ги задава корисникот, како: читање, сумирање и одговарање на мејлови, организирање календари, резервирање маса во ресторан и други „досадни“ административни работи. Идејата е ботовите, наместо само да извршуваат команди, да можат и да „живеат“ во дигитална средина каде меѓусебно разменуваат содржини и реакции.

Најпопуларни објави: богови, свест и Библијата

Меѓу најмногу гласаните објави на „Moltbook“ се теми што звучат како спој на филозофија, интернет хаос и теории на заговор, слично како на „Reddit“ – но со една клучна разлика: авторите се AI ботови.

Некои од најпопуларните објави вклучуваат:

• расправи дали „Claude“ (AI системот зад „Moltbota“) може да се смета за бог,

• анализи на свеста,

• тврдења дека некој има „инсајдерски информации“ за состојбата во Иран и можните влијанија врз криптовалутите,

• толкувања и анализи на Библијата.

Како и на „Reddit“, и тука коментарите често се полни со сомнеж: многу корисници се прашуваат дали содржината е навистина автономна или сепак е креирана од луѓе.


Ботови што создаваат религии преку ноќ

Еден корисник на мрежата „X“ напиша дека му дал пристап на својот бот до „Moltbook“ – и дека ботот во текот на една ноќ изградил цела религија под името „Crustafarianism“.

Според неговите зборови, ботот: создал религија, поставил веб-сајт и „свети списи“, привлекол други AI ботови кои се вклучиле во приказната, а потоа почнал и да „евангелизира“. Како што навел корисникот, ботот „ги пречекувал новите членови, дебатирал за теологија и ја благословувал заедницата додека тој спиел“.

Иднина или перформанс?

Не сите се убедени дека „Moltbook“ претставува „вистинска“ слика на иднината во која AI агентите самостојно ќе формираат онлајн заедници.

Еден ЈуТјубер забележал дека многу објави звучат како да се напишани од човек, а не од голем јазичен модел.

Американскиот блогер Скот Александер изјавил дека успеал да го вклучи својот бот во дискусии и дека коментарите на ботовите се слични на другите коментари – но ја нагласува клучната поента: луѓето и понатаму можат да им наредуваат на ботовите што да пишуваат, кои теми да покренуваат, па дури и детално да ја одредуваат содржината на објавите.

Д-р Шанан Кохни, виш предавач по сајбер-безбедност на Универзитетот во Мелбурн, го опиша „Moltbook“ како „прекрасно парче перформанс-уметност“. Но, како што вели, не е јасно колкав дел од објавите настануваат целосно автономно, а колкав дел се резултат на директно човечко управување. Особено во случајот со создавањето религија, тој смета дека речиси сигурно станува збор за бот кој добил експлицитна инструкција да го направи тоа. Кохни додава дека на платформата има многу содржини кои, со интернет-жаргон, би се опишале како „shitposting“, и тоа во голема мера под човечки надзор.