Д-р Никола Иванчевиќ, специјалист по детска неврологија, раскажал случај од својата пракса со цел да ги предупреди родителите на една многу подмолна болест – апсансната епилепсија.
Имено, таа најчесто се манифестира на начин што остава впечаток дека детето е непослушно или има проблеми со вниманието, а всушност станува збор за дијагноза што може сериозно да го загрози животот на детето.
Што е апсансна епилепсија?
Детската апсансна епилепсија (ДАЕ) е форма на епилепсија која најчесто се јавува кај деца на возраст од 4 до 10 години, почесто кај девојчиња отколку кај момчиња. Зборот „апсанс“ потекнува од францускиот јазик и значи „отсуство“, што ја опишува главната карактеристика на оваа болест – кратки епизоди во кои детето „ја исклучува“ свеста на неколку секунди.

Нападот трае од 3 до 10 секунди, по што детето веднаш се „враќа во нормала“, без конфузија или замор. Овие епизоди можат да се јавуваат и десетици пати во текот на денот, поради што родителите и наставниците често погрешно ги толкуваат како невнимание, замисленост или непослушност.
Подмолни симптоми на нападите кај деца:
– запира среде активност
– гледа во празно
– не реагира на довикување
– може да престане да зборува среде реченица
– го прекинува движењето што го започнало
Пример од праксата на д-р Иванчевиќ
Детскиот невролог д-р Никола Иванчевиќ раскажал за еден случај од својата пракса и сликовито објаснил како изгледаат нападите и на кој начин се дијагностицира болеста.
„Родителите дојдоа со седумгодишно момче, по совет на избраниот педијатар. Како што наведоа, детето е енергично, но често отсутно. Неретко го затекнуваат како гледа во празно, ја прекинува играта и не реагира кога го довикуваат“, објаснил д-р Иванчевиќ и додал дека не се загрижиле сè до една конкретна ситуација:
„Додека ја преминувале улицата, момчето застанало на сред пешачки премин. Автомобилот закочил во последен момент. Тогаш за првпат се посомневале дека можеби сепак станува збор за нешто посериозно. Отишле кај педијатар, кој ги препознал симптомите и го упатил детето кај невролог, а ние по земената анамнеза направивме видео ЕЕГ, при што за време на тестот со длабоко дишење беше регистрирано токму она на што веднаш посомневавме. Имено, не стануваше збор само за недостаток на внимание или непослушност“, раскажал д-р Иванчевиќ, додавајќи дека при прегледот било откриено дека детето има детска апсансна епилепсија.
Тој истакнал дека детето целосно закрепнало веднаш по воведувањето на соодветна терапија.
„Со воведување на терапијата, детето целосно закрепна за неколку дена. Оттогаш поминаа неколку години и детето повеќе нема епилептични напади. Затоа, родители, ако забележите дека вашето дете често го ‘исклучува’ погледот, застанува среде реченица или не реагира на вашето обраќање, не го игнорирајте тоа“, истакнал д-р Иванчевиќ.














