Со порастот на интернет измамите и сајбер нападите, луѓето сè повеќе се загрижени поради хакери кои би можеле да дојдат до податоците зачувани во различни апликации на мобилните уреди.
Се поставува прашањето – дали знаете како да проверите дали некој го шпионира вашиот Вацап? На социјалните мрежи сè почесто кружат снимки во кои корисниците објаснуваат како дури подоцна сфатиле дека нивните партнери имаат пристап до нивниот Вацап, а тие воопшто не биле свесни за тоа, пишува „Форбс“.
Имено, можно е некој незабележливо да го клонира вашиот профил на својот електронски уред и да ја чита секоја порака што ја примате или испраќате. Вацап има опција „Поврзани уреди“, која овозможува праќање и примање пораки преку компјутер или таблет со користење на истиот профил.

Вацап може да се поврзе и со друг мобилен телефон, под услов апликацијата на тој уред претходно да не била инсталирана. Тоа значи дека на лице кое има физички пристап до вашиот телефон му се потребни само минута-две за, со скенирање на „QR“-код, да го поврзе вашиот профил со својот уред, а потоа да ги избрише известувањата на вашиот телефон за вие да не го забележите тоа.
За среќа, исто толку лесно е да проверите дали некој ве шпионира на овој начин. Во Вацап треба да отидете во „Поставки“ и да ја изберете опцијата „Поврзани уреди“.
Таму ќе биде прикажан список на сите уреди што се поврзани со вашиот профил. Ако забележите уред што не ви е познат, веднаш одјавете се од него. Слична проверка можете да направите и во други апликации за размена на пораки.

Покрај тоа, Вацап воведува и опција „Заклучени разговори“, која овозможува поставување дополнителна лозинка како уште еден слој на безбедност. Оваа функција ги штити избраните разговори во посебна папка, доколку ви е потребна таква заштита.
Од компанијата исто така нагласуваат дека при поврзување нов уред не се синхронизира целокупната историја на разговори, туку количината на пренесени пораки зависи од повеќе фактори, како што се типот на уредот, достапната меморија и квалитетот на интернет-врската.








