[ВИДЕО] Мажот кому му е вграден мозочен чип од компанијата на Илон Маск вели дека „се чувствува чудесно“

Точка

29/01/2026

18:01

629

Големина на фонт

а а а

Себастијан Гомез-Пења, еден од првите луѓе во Велика Британија на кои им е вграден мозочен чип од компанијата „Neuralink“ на Илон Маск, изјавил дека „се чувствува чудесно“ и дека верува оти овој уред може да ги трансформира животите на лицата со тешка парализа, пренесоа британските медиуми.

„Тоа е огромна промена во вашиот живот кога одеднаш повеќе не можете да помрднете ниту еден од вашите екстремитети“, раскажал Гомез-Пења, волонтер во првиот британски проект за тестирање на уредот што го развила компанијата „Neuralink“ на Маск, пренесе „Sky News“.

Гомез-Пења додал дека ваквата технологија „на некој начин дава ново зрно надеж“.

Тој, кратко по завршувањето на првиот семестар на Медицинскиот факултет, во несреќа останал парализиран од вратот надолу.

Себастијан е меѓу седумте лица на кои им е вграден чип во рамки на испитувањето во Велика Британија, осмислено да ја процени безбедноста и сигурноста на уредот.

Чипот на „Neuralink“, кој е поврзан со 1.024 електроди имплантирани во неговиот мозок, му бил вграден за време на петчасовна операција во Универзитетската болница во Лондон (UCLH).

Иако во операцијата биле вклучени британски хирурзи и инженери од компанијата „Neuralink“, самиот уред бил имплантиран со помош на роботот Р1 на „Neuralink“, развиен за вметнување микроскопски електроди (нишки) во кревкото мозочно ткиво.

Електродите биле вметнати околу четири милиметри под површината на мозокот на Себастијан, во регионот што ги контролира движењата на рацете.

Нервните сигнали се пренесуваат преку нишки кои се околу 10 пати потенки од човечко влакно до чипот, кој е поставен во кружен отвор во неговиот череп.


Податоците од чипот безжично се испраќаат до компјутер, каде што софтвер со вештачка интелигенција „учи“ да ги толкува електричните сигнали од неговиот мозок.

Кога Себастијан „помислува“ на движење на раката или на тапкање со прст, тоа на екранот се појавува како движење на курсорот, односно како „клик“ на глувчето — со што, практично, се обновува контролата на раката што ја изгубил по несреќата.

Првиот ваков уред бил имплантиран кај американски волонтер пред две години, а сега го имаат 21 лице во САД, Канада, Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати.

Сите тие имаат тешка парализа, настаната поради повреда на ’рбетот, мозочен удар или невродегенеративни состојби како АЛС, потсети британскиот ТВ канал.