Голем напредок во борбата против ракот на панкреас: Иновативниот вид лекување ги елиминирал туморите кај животни

Точка

29/01/2026

19:23

425

Големина на фонт

а а а

Научници од Шпанскиот национален центар за истражување на ракот (CNIO) успеале кај глувци да ги отстранат клетките на тумор на панкреасот – еден од најагресивните карциноми и да спречат нивно повторно појавување со примена на тројна комбинирана терапија.

Ракот на панкреасот има најлоша прогноза, делумно поради брзото развивање отпорност на терапијата, но овој нов начин на лекување дава надеж за иднината.

„Овие студии го отвораат патот за развој на нови комбинирани терапии што можат да го подобрат преживувањето на пациентите со дуктален аденокарцином на панкреасот. Овие резултати го насочуваат понатамошниот развој на нови клинички испитувања“, наведоа истражувачите во соопштение.

Резултатите, објавени во научното списание „PNAS“, покажуваат дека истовремено дејствување врз три клучни точки од молекуларниот пат на онкогенот познат како „KRAS“ доведува до долготрајно повлекување на туморот, пренесе „Euronews“.


Клучот на овој пробив е во надминувањето на резистентноста што се јавува кога онкогенот се блокира само на една точка. Тимот на „CNIO“ комбинирал експериментален KRAS-инхибитор, лек веќе одобрен за лекување рак на белите дробови и средство што разградува протеини, што довело до исчезнување на туморите без значајни несакани ефекти во три различни тестови на животни.

Иако резултатот би можел да претставува важна пресвртница во борбата против ракот, авторите на студијата повикуваат на претпазливост.

„Сè уште не сме во можност да започнеме клинички испитувања на тројната терапија. Самите автори предупредуваат дека оптимизирањето на оваа комбинација за примена кај пациентите ќе биде сложен процес, но се уверени дека ова откритие ќе го одреди правецот на идните истражувања“, се наведува во соопштението.