[ФОТО/ВИДЕО] Постави нов Гинисов рекорд: Малтешки мајстор направи чоколаден воз долг 52 метри, но не е за јадење

Точка

28/01/2026

18:39

412

Големина на фонт

а а а

Мајстор за чоколадо од Малта, кој веќе има два рекорда во Гинисова книга на рекорди, повторно влезе во историјата – овојпат со чоколаден воз долг 52 метри, претставен во Милано.

Возот официјално е прогласен за најдолга чоколадна скулптура во светот. Импресивната креација е дело на Ендру Фаругија, изработена со помош на малтешки и италијански студенти по кулинарство, објавија малтешките медиуми.

Направен од околу 3.000 килограми висококвалитетно белгиско чоколадо, чоколадниот воз беше претставен во понеделникот во Палата на регионот Ломбардија, во пресрет на Зимските олимписки игри што ќе се одржат во северниот дел на Италија.

Студентите од Институтот за туризам и од Италијанскиот институт за кулинарски уметности и угостителство, заедно со Фаругија, кој е предавач на Институтот за туризам, присуствуваа на официјалното мерење на чоколадниот воз, на кој работеа со месеци. По мерењето, скулптурата ја доби титулата за најдолга чоколадна скулптура во светот.

Со овој успех, Фаругија сега е носител на вкупно три Гинисови рекорди. Во 2012 година тој изработи чоколаден воз долг 34 метри, изложен во Брисел, а во 2014 година ја создаде највисоката чоколадна скулптура – реплика на Бурџ Калифа, висока 13,52 метри, претставена на Меѓународен аеродром Дубаи.

Иако изгледа примамливо, чоколадото од возот не е наменето за јадење. Дел од него ќе биде стопен и искористен за едукативни и тренинг-обуки, додека остатокот ќе се користи како храна за животни.

Чоколадната структура е изработена со хуманитарна цел – за собирање средства за Хоспис Малта и за здружението за палијативна нега од Бергамо. Претходно, студентите од Институтот за туризам и нивните колеги од Бергамо испекоа повеќе од 12.000 бисквити и чоколади, кои се продаваа во замена за донации.