Речиси е сигурно дека овие бисквити во детството (а веројатно и подоцна) сте ги јаделе со чај, сте ги кршеле во млеко, сте ги користеле во колачи… Но, дали некогаш сте се запрашале зошто изгледаат токму така?
Популарните Петит-Бер (Petit-Beurre) бисквити на многумина им го одбележале детството, а нивниот едноставен, но препознатлив вкус и фактот дека одлично се комбинираат со сè, ги направиле омилена состојока за брзи десерти, пишува „Јутарњи лист“.
Потекнуваат од францускиот град Нант, од компанијата „ЛУ“ (LU), која и денес е еден од нивните најпознати производители. Називот Петит-Бер (Petit-Beurre) во превод од француски значи „мал путер“.

Но, можеби најинтересниот факт поврзан со овие бисквити е тоа што нивната форма всушност го симболизира текот на времето.
Кога ќе ги погледнете, ќе забележите агли, назабени рабови и мали дупчиња, но ретко кому му паѓа на ум да ги преброи и да им даде подлабоко значење. Сепак, тоа навистина постои и е многу интересно.
Петит-Бер бисквитите до ден-денес го задржале својот препознатлив правоаголен облик со засечоци и дупчиња, кои го прават највкусниот „годишен календар“.

Традиционалното пакување содржи 24 бисквити, што ги симболизира 24-те часа во денот. Самиот дизајн ја претставува годината: четирите агли ги означуваат четирите годишни времиња, 52-те „запчиња“ на рабовите ги симболизираат 52-те недели во годината, а 24-те мали дупчиња повторно ги претставуваат 24-те часа во денот.

Овие бисквити биле создадени во 1886 година во Нант од Луј Лефевр, кој инспирацијата ја пронашол во подметачот на својата баба. Неговиот татко, чија сопруга го носела презимето Утил, одлучил на секој бисквит да ги втисне нивните иницијали – „LU“. Тоа со текот на времето станало заштитен знак и денес е еден од најпрепознатливите брендови во светот.








