Жената која доживеала 101 година ги открила своите изненадувачки опуштени тајни за долг живот. Џанг Јуекин, мајка на седум деца од градот Венжоу во источна Кина, сè уште ги има сите свои заби и вели дека најмногу ужива во грицкање закуски додека гледа телевизија до раните утрински часови.
И покрај годините, Џанг се придржува до многу лежерна дневна рутина. Јаде само два вистински оброци дневно, но не се воздржува да ужива во доцновечерни грицки ако почувствува глад, пишува „Daily Mail“.
Спие до десет, а легнува во два по полноќ
Оваа стогодишничка често останува будна дури до два часот по полноќ, а обично не се буди пред десет часот наутро. Штом ќе стане, ужива во шолја миризлив зелен чај пред да се облече и да го започне својот ден.
Нејзината ќерка, Јао Сонгпинг, вели: „Мајка ми е баш како тинејџерка, вистинска ноќна птица! Секогаш останува будна до доцна во ноќта, а потоа се буди околу десет наутро. Ги спојува појадокот и ручекот, а вториот оброк го јаде околу шест попладне. Ако огладни навечер, грицка чипс и бисквити. Но, тоа нека не ве залажува — квалитетот на нејзиниот сон е одличен, заспива буквално неколку секунди откако ќе легне“.

Пад што променил сè
Нејзината ќерка објаснува дека ноќните навики на мајка ѝ започнале пред неколку години. Џанг некогаш била многу активна, ја одржувала куќата беспрекорно чиста, пречекувала гости и уживала во долги прошетки. Меѓутоа, по еден пад при кој сериозно ја повредила раката, семејството ги презело сите обврски врз себе. Бидејќи деновите ѝ станале ослободени од задачи, почнала повеќе да спие преку ден, поради што ѝ станало тешко да заспие рано навечер. Така развила навика да гледа телевизија, што со текот на времето станало нејзин нов образец на спиење.
Најромантичниот пар во соседството
Нејзиниот сопруг Јао починал пред многу години, но локалното население сè уште зборува за него. Живееле на иста улица со децении и биле познати како „најромантичниот пар во соседството“.
„Мајка ми е неписмена и не знае ниту еден единствен знак, додека татко ми знаеше да чита и беше нејзин личен преведувач кога биле млади“, се присетува ќерката Јао. „Кога се забавувале, првото нешто што татко ми го правел по примањето на платата било купување билети за кино. Ја водел за рака во салата, а ако таа не ја разбирала содржината на филмот, ѝ шепотел на уво и ѝ објаснувал. Кога имало смешни сцени, ги имитирал гласовите и гестовите на ликовите само за да ја насмее“.

Патувањата како смисла на животот
И покрај тоа што е вдовица и има 101 година, Џанг и понатаму сака да патува со своите деца и внуци. Во последните две години посетила повеќе од 20 градови, исполнувајќи ги своите соништа за патувања. Најмногу сака да се присетува на излетот на планината Хуангшан со својот сопруг, велејќи дека природата таму била „убава како на слика“.
„Просветлен живот“ без лутина и замерки
Ќерката Јао ја сумирала тајната на својата мајка: „Мајка ми го поминала целиот живот грижејќи се за другите, а ретко мислејќи на себе. Добрата исхрана, добриот сон и шолја зелен чај секој ден се ситници. Најважно е тоа што таа има одличен ментален склоп. Не се лути, не ги сфаќа работите премногу сериозно и не негува замерки. Би можело да се каже дека живее навистина просветлен живот“.












