[ФОТО] Како денеска изгледаат децата на професорот Кели кои упаднаа на неговото интервју за Би-би-си и станаа вирални

Кармин

28/01/2026

16:40

1.259

Големина на фонт

а а а

Поминаа речиси девет години откако Марион и Џејмс неочекувано „го украдоа“ целото внимание за време на интервјуто што нивниот татко, професорот Роберт Кели, го давал за Би-би-си.

Анализата на тогашните политички прилики во Јужна Кореја и нејзиниот однос со Северна ја прекинала најпрво Марион, кога танцувајќи влегла во канцеларијата.

Застанала покрај татко ѝ за да види што прави, а тој со рака ѝ дал знак дека треба да излезе.

Меѓутоа, веднаш по неа во шеталка се појавил и нејзиниот помлад брат Џејмс. Кога сфатила дека децата се во канцеларијата, нивната мајка панично ги извела, а потоа на колена (надевајќи се дека камерата нема да ја фати) ја затворила вратата.

Камерата ја „фатила“, исто како и тоа колку на нејзиниот сопруг му било непријатно, но и смешно.

Моментот кога сериозната политичка анализа ја прекинал обичниот семеен живот — хаотичен, непредвидлив и човечки — стана вирален.

Снимката само на Јутјуб има 64 милиони прегледи и одново и одново ги засмејува луѓето.

Порфесорот Кели гостувал во утринската емисија на ITV „This Morning“, заедно со своите, сега веќе големи деца.

„Луѓето и понатаму сакаат да разговараат со мене за тоа и да ги видат децата. Пред неколку дена објавив низа на Твитер и 30 милиони луѓе ја видоа. И еве, сега зборувам за тоа на британска телевизија“, рекол тој.

Универзитетскиот професор по политички науки рекол дека студентите го препознаваат уште на првото предавање поради тоа интервју.

„Им велам дека сум ’Би-би-си татко‘. Нè препознаваат и на аеродром“, додал тој.

Марион рекла дека не се сеќава на тој момент, но мисли дека само сакала да го види својот татко.

„Не знам зошто така танцував, можеби само ми беше забавно“, рекла таа.

На прашањето што се случило по интервјуто, Кели рекол дека тој и неговата сопруга биле убедени дека никој повеќе никогаш нема да го повика да даде изјава или интервју.

„Мислевме дека е катастрофа, дека никој никогаш повеќе нема да ме повика. Но потоа стана вирално и сфативме дека моментот стана многу повеќе од прекинато интервју. Сепак, сега вратата од канцеларијата е заклучена кога давам изјави“, рекол тој низ смеа.

Марион денес има 12, а Џејмс девет години.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk