[ФОТО] Евтино, а незаборавно: Возење со воз за помалку од 3 евра низ планините на една од најпотценетите дестинации во светот

Точка

27/01/2026

18:01

557

Големина на фонт

а а а

Азербејџан ја започна оваа година со важен исчекор во развојот на туризмот и одржливиот транспорт.

Имено, неодамна во сообраќај беше пуштена нова регионална железничка линија што ја поврзува внатрешноста на земјата со планинските краеви, што би можело значително да го олесни патувањето и да поттикне интерес за оваа често занемарена дестинација.


Од вториот најголем град до планинското одморалиште сега може да се патува со воз – многу побрзо и поудобно од претходно

Новата линија сообраќа меѓу вториот најголем град Ганџа и планинскиот туристички град Габала, а попатно застанува во местата Горан, Јевлах, Лаки и Агхадаш. Досега овие два града беа поврзани исклучиво со патен превоз, па со воведувањето на возот значително се подобрени достапноста и удобноста на патувањето.


Возовите ги испорачал реномираниот швајцарски производител „Stadler“, а на патниците им се на располагање четири класи во вагоните – од стандардна до прва класа. Основниот билет чини околу 2,45 евра, а возењето трае приближно еден час и 50 минути, поради што оваа линија се наметнува како удобна, поволна и многу привлечна опција во споредба со патување со автомобил или автобус.

Град на поети, музеи и кристално езеро како вовед во една поинаква страна на земјата

Азербејџан и понатаму е потценета туристичка дестинација со богата културна и природна понуда. Ганџа е позната по интересната мешавина од персиска, руска и советска архитектура, како и по силното книжевно наследство. Градот е поврзан со наследството на поетот Низами Ганџави, чие име се врзува со музеи и културни знаменитости, а неговиот мавзолеј се наоѓа токму во овој град.


Во близина е и езерото Ѓојѓол (Göygöl), познато по кристално чистата вода и густите шуми, што го прави популарна излетничка дестинација.


Од друга страна, Габала привлекува посетители со меѓународен музички фестивал, скијачки центри и бројни природни атракции, како водопади и езера. Окружена со планински пејзаж, таа е идеална за планинари, љубители на природа и зимски спортови, што новата железничка линија ја прави особено интересна за туристите кои сакаат да ги истражат планинските предели без долги и напорни патувања по патиштата.


Воведувањето на оваа линија е дел од пошироката стратегија на Азербејџан да го поттикне домашниот туризам и да промовира одржливи форми на превоз, а воедно претставува и можност за патниците што бараат нови, сè уште недоволно откриени евроазиски дестинации.