Отпечатоците од дланки на ѕидовите на пештерите во претежно неистражена област на Индонезија можеби се најстарата позната пештерска уметност досега проучена, која датира од пред најмалку 67.800 години.
Светлокафеавите отпечатоци анализирани од индонезиски и австралиски истражувачи на островот Муна (дел од југоисточен Сулавеси), се создадени со дување пигмент врз дланките притиснати на ѕидот на пештерата, оставајќи ги нивните отпечатоци. Некои врвови на прстите биле дополнително преобликувани за да изгледаат позашилени.
Оваа праисториска форма на изразување сугерира дека индонезискиот остров бил дом на развиена уметничка култура. За да ја утврдат староста на цртежите, истражувачите ги датирале минералните наслаги што се формирале врз уметноста.
Независниот палеоантрополог Џеневјев фон Пецингер рекла дека „испуштила мал крик на воодушевување“ кога ја видела новата студија.
„Сè совршено се вклопува во она што го претпоставував со години“, додала таа.

Индонезија е веќе позната по некои од најраните пештерски цртежи во светот, а научниците анализирале безброј примери на античка уметност низ целиот свет – вклучувајќи едноставни ознаки на коски и камења кои се стари стотици илјади години.
Новото откритие од југоисточен Сулавеси е најстарото откритие пронајдено на пештерските ѕидови досега. Отпечатоците од дланки, исто така, претставуваат посложена традиција на пештерска уметност што можеби била заедничка културна практика, рекол авторот на студијата Максим Обер од Универзитетот Грифит, кој го објавил делото во среда во списанието „Nature“.

Научниците се обидуваат да разберат кога раните луѓе научиле да создаваат уметност, преминувајќи од точки и линии кон позначајни претстави за себе и светот околу нив. Овие пештерски цртежи помагаат попрецизно да се одреди временската рамка на раѓањето на човечката креативност.

Сè уште не е јасно чии дланки ги оставиле отпечатоците. Тие би можеле да им припаѓаат на древните Денисовци, група луѓе кои живееле во областа и веројатно се сретнале со нашите предци Хомо сапиенс пред да изумрат. Или би можеле да бидат современи луѓе кои во тоа време се ширеле од Африка, минувајќи низ Блискиот Исток и Австралија. Фините детали на цртежите, вклучувајќи ги намерно преобликуваните врвови на прстите укажуваат на човечка рака.

Други цртежи откриени во истиот дел од островот – вклучувајќи човечка фигура, птица и животно слично на коњ – биле направени многу подоцна, некои дури пред 4.000 години.
Веројатно е дека постои уште уметност на блиските острови што би можеле да бидат постари од овие отпечатоци од дланки. Идните истражувања би можеле да им помогнат на научниците да разберат како овие уметнички традиции се ширеле низ планетата и како тие се вткаени во самите почетоци на човечката историја.

„За нас, ова откритие не е крај на приказната. Тоа е повик да се продолжи со пребарувањето, истакнал Обер.












