Со забрзаниот развој на вештачката интелигенција и автоматизација, пазарот на работа поминува низ длабоки промени.
Додека одредени професии полека исчезнуваат, оние во кои човечките вештини и натаму имаат предност над алгоритмите и роботите стануваат сѐ побарани.
На понудата и побарувачката на професии денес многу влијае вештачката интелигенција, автоматизацијата на процесите, зелената транзиција и демографските промени.
Некои работни места веќе исчезнале, други се на пат кон тоа, но истовремено се отвораат нови можности, пред сѐ во областите каде искуството, емпатијата, креативноста и посветеноста се незаменливи.

Британски „Телеграф“ објавил анализа од пазарот на трудот со наслов „Професии кои ќе исчезнат и процветаат во 2026 година“. Иако истражувањето се однесува на Велика Британија, слични обрасци се сѐ повеќе видливи и во други технолошки напредни држави.
Рутинските професии први на удар
Во Велика Британија невработеноста го достигнала највисокото ниво во последните пет години, додека заработувачката стагнира, а компаниите се повнимателни со вработувањата. Вештачката интелигенција која ги презема повторливите и административни задачи, довела до тоа секоја шеста фирма да планира намалување на бројот на вработени.
Најзагрозени се канцелариските и административни професии, рутинските финансиски позиции, па дури и дел од секторот за обезбедување.
Во малопродажбата луѓето се заменуваат со самопослужни каси, автоматизирани продавници и онлајн купувања, додека пак во медиумите маркетингот сѐ почесто користи алатки основани на генеративна вештачка интелигенција. Истовремено, развојот на дронови и автономни возила ги менува и работите на возачи и доставувачи.

Здравство, енергија и ИТ – бележат раст
Сепак, сликата не е целосно црна. Здравствениот и секторот за социјална заштита, особено негата на стари лица, бележат раст. Платите во овие подрачја во Велика Британија се зголемиле од минатата година речиси за девет отсто, додека пак побарувачката за медицински сестри, негувателки и вработени во домовите за стари лица не престанува, пред сѐ поради забрзаното стареење на населението.
Зелената транзиција исто така отвора нови работни места. Инсталерите на соларни панели, техничари за ветроелектрани, експерти за енергетска ефикасност и инженери кои работат на одржливи проекти се побарани од кога и да е.

Во исто време ИТ секторот продолжува да расте, особено во областа на вештачка интелигенција, сајбер безбедноста и управување со податоците.
Поради тоа има сѐ поголема потреба и за едукатори, наставници, тренери за преквалификација и ментори во СТЕМ области, но и за експерти за ментално здравје чија улога добива друго значење во современото работно опкружување.















