Компанијата "Block", во сопственост на коосновачот на „Twitter“ Џек Дорси, отпушта 40 проценти од своите вработени, а како причина ги наведува сè поголемите можности на вештачката интелигенција. Дорси порача дека очекува повеќето други компании наскоро да го следат нивниот пример. „Block“ стои зад финансиски сервиси како „Square“, „Cash App“ и „Afterpay“, пишува „CNN“.
Откази добиваат повеќе од 4000 лица, со што работната сила на компанијата се намалува на нешто помалку од 6000 вработени. Овој потег доаѓа во време кога вештачката интелигенција ги преобликува работните места во технолошкиот сектор и предизвикува загриженост за иднината на пазарот на труд. Компании како „Amazon“, „Meta“, „Microsoft“ и „Verizon“ исто така во изминатата година спроведоа големи намалувања на бројот на вработени, што се доведува во врска со развојот на AI технологијата.
we're making @blocks smaller today. here's my note to the company.
— jack (@jack) February 26, 2026
####
today we're making one of the hardest decisions in the history of our company: we're reducing our organization by nearly half, from over 10,000 people to just under 6,000. that means over 4,000 of you are…
Пораката на Џек Дорси
Во писмо до акционерите, Дорси ја објасни логиката зад масовните отпуштања. „Значително помал тим, користејќи ги алатките што ги развиваме, може да постигне повеќе и тоа поквалитетно. А можностите на интелигентните алатки растат забрзано од недела во недела“, напиша тој.
Финансиската директорка на „Block“, Амрита Ахуја, беше уште подиректна: „Гледаме можност да напредуваме побрзо со помали, високо талентирани тимови кои користат вештачка интелигенција за автоматизација на поголем дел од работата.“
Во објава на социјалната мрежа „X“, Дорси нагласи дека отпуштањата не се случуваат затоа што компанијата има проблеми. „Нашето работење е силно … бруто добивката продолжува да расте“, истакна тој. Коосновачот на „Twitter“ верува дека со овој потег е пред своето време.
„Мислам дека повеќето компании доцнат. Верувам дека во следната година мнозинството од нив ќе дојдат до истиот заклучок и ќе спроведат слични структурни промени. Повеќе би сакал до тоа да дојдам искрено и под сопствени услови отколку реактивно да бидам принуден“, напиша тој. Додаде дека одлучил да биде искрен за состојбата во компанијата и да дејствува веднаш, наместо „постепено да го намалува бројот на вработени со месеци или години“.

Компензации и реакција на пазарот
Дорси наведе дека отпуштените вработени ќе добијат компензација во висина од најмалку 20 недели плата, во зависност од работниот стаж, акции што им доспеваат до крајот на мај, како и шест месеци здравствено осигурување. Исто така ќе можат да ја задржат целата корпоративна опрема и ќе добијат дополнителни 5000 долари. Инвеститорите позитивно реагираа на веста за масовните отпуштања, а акциите на „Block“ скокнаа до 24 проценти по објавата.
Отпуштањата во „Block“ ја одразуваат растечката загриженост околу влијанието на вештачката интелигенција врз работната сила, додека AI гигантите како „Anthropic“ и „OpenAI“ постојано лансираат нови деловни алатки. Токму оваа недела „Anthropic“ го надгради својот популарен модел „Claude“ за уште подобро извршување канцелариски задачи во човечки ресурси, дизајн и управување со имот.















