Пејачката Меган Трејнор и нејзиниот сопруг, актерот Дарил Сабара, добија трето дете. Ќерката Мајки Мун Трејнор е родена на 18 јануари преку сурогат мајка, а веста ја споделија во вторникот на Инстаграм.
„Пресреќни сме и вљубени во нашето девојче“, напиша 32-годишната Меган Трејнор. Таа откри и дека нивните синови, четиригодишниот Рајли и двегодишниот Бери, учествувале во изборот на името. „Рајли и Бери беа толку возбудени – дури ѝ избраа и средно име“, додала таа.
Во објавата, во која споделија фотографии од синовите како ја запознаваат сестричката и селфи од гордите родители со новороденчето, ѝ се заблагодариле на сурогат мајката. „Нашето девојче Мајки Мун Трејнор дојде на свет благодарение на нашата неверојатна сурогат мајка – вистинска супержена“, порачаа тие, додавајќи благодарност и за медицинскиот тим кој им помогнал „ова да се оствари“.
Објаснија и зошто се одлучиле за сурогат мајчинство. „Многу разговаравме со нашите лекари и ова беше најсигурниот начин да го прошириме семејството“, напишаа тие, додавајќи: „Сега ќе уживаме во семејното време – ве сакаме сите.“
Трејнор повеќе пати зборувала за родителството, а во февруари минатата година за списанието „People“ изјавила дека би сакала да добие ќерка. „Она што го имам сега е далеку над сè што некогаш сум можела да сонувам. Секогаш сакав семејство и тоа го остварив. Сега уште сакам и ќерка“, изјавила тогаш.
Меган Трејнор и Дарил Сабара, 33-годишен актер познат по филмовите „Spy Kids“, се венчаа во декември 2018 година.