Откако јавноста беше потресена од експлозивната изјава на неговиот син Бруклин, Дејвид Бекам го направи својот прв јавен настап. Неговото однесување пред новинарите на Светскиот економски форум во Давос дополнително ги разгоре шпекулациите за сериозен семеен раскол во семејството Бекам, пишува „Дејли мејл“.
Зборувајќи во живо „Си-ен-би-ес“ Дејвид рече: „Секогаш зборував за социјалните медиуми и моќта на социјалните медиуми… и на добар и на лош начин. Она до што децата имаат пристап денес може да биде опасно. Но, она што лично го забележав, особено кај моите деца, е дека тие ги користат социјалните медиуми од вистински причини.“
„Можев да ја користам мојата платформа и бројот на луѓе што ме следат, за УНИЦЕФ. И тоа беше најмоќната алатка за да ги запознаам луѓето со тоа што им се случува на децата низ целиот свет. И се обидов да го направам истото со моите деца – да ги едуцирам. Тие прават грешки, но на децата им е дозволено да прават грешки. Така учат. Тоа е она што се обидувам да ги научам моите деца – понекогаш мора да им дозволите да ги прават тие грешки“, додал тој.

Дека целата семејна ситуација е непријатна за поранешниот фудбалер, докажува и уше еден моментот кога Бекам позираше за фотографите и селфиња со обожавателите во Давос.
Новинар на „Скај њуз“ го праша: „Дејвид, дали имаш порака за Бруклин?“ Бекам не се осврна назад, целосно го игнорираше прашањето, се сврте и набрзо го напушти местото на настанот. Додека си заминуваше, новинарот му постави уште едно прашање: „Дали си разочаран што семејните работи се објавуваат јавно?“, но дури и тогаш Бекам не даде никаков коментар.
Коментарите на Дејвид стигнаа еден ден откако Бруклин во низа објави на Инстаграм го обвини татко му и 51-годишната мајка Викторија дека се обидуваат да ја саботираат неговата свадба со Никола Пелц Бекам (31) и дека во медиумите „шпекулираат со многу лаги“. Тој тврдел и дека родителите „неуморно се обидувале да ја уништат“ неговата врска со Никола заради публицитет и дека за нив „промоцијата и спонзорствата“ се поважни од се`.
Меѓу другото, навел дека родителите се обиделе да го „подмитат“ за пред свадбата да се откаже од правото на своето презиме, како и дека Викторија „го презела“ првиот танц и „непримерно танцувала“.
„Со години молчев и се обидував сè да остане приватно. За жал, моите родители и нивниот тим продолжија да се појавуваат во медиумите, па немав друг избор освен да проговорам и да ја кажам вистината – барем за дел од лагите што беа објавени“, напишал Бруклин. „Не сакам да се помирам со семејството. Не сум ничија марионета – за првпат во животот се залагам за себе“, додал тој.

Објавите на Бруклин следуваа по повеќемесечни шпекулации за раздорот помеѓу него и Никола, како и помеѓу Дејвид и Викторија. По неговата изјава, извор блиску до ситуацијата изјавил за „People“ дека Бруклин и Никола „никогаш не сакале ништо од ова“.
„Тие само сакаа мирно да живеат и да бидат во брак… Бекамовите имаа доволно време да се помират и да се обидат да ја поправат штетата, но наместо тоа продолжија да пласираат лажна приказна. Бруклин и Никола едноставно се изморени од сето тоа“, тврди изворот.
Минатиот мај, друг извор изјави дека односот помеѓу Бруклин и неговите родители „сигурно не е трајно нарушен“. „Тие го сакаат и секогаш се тука за него. Само се повредени и разочарани што тој повеќе не учествува во семејниот живот“, рекол тој.
Порано овој месец, извор запознат со ситуацијата изјавил дека „Дејвид и Викторија повеќепати се обиделе да договорат средба и разговор со Бруклин и Никола за да започнат нова страница“. „Дејвид ги обожава своите деца. Тие му значат сè“, додал изворот.
Бруклин и неговата сопруга Никола Пелц (31) се во центарот на семејна расправија, што ги натера да ги игнорираат сите важни семејни собири во последните месеци, вклучувајќи го и 50-тиот роденден на неговиот татко Дејвид, како и доделувањето на витешка титула.