Луѓето кои избегнуваат ултрапреработена храна во просек внесуваат 330 калории помалку дневно, иако јадат поголема количина храна, покажало ново истражување.
Научниците тврдат дека во моменти кога храната нѝ е понудена во нејзината природна форма, интуитивно донесуваме „многу попаметни одлуки“, пишува „Mirror“.
Експерти од Универзитетот во Бристол анализирале податоци од американско клиничко испитување кое потврдило дека исхрана базирана исклучиво на ултрапреработени намирници води до прејадување и дебелеење. Тие откриле интересен феномен: испитаниците кои јаделе полнозрнести намирници природно избирале овошје и зеленчук наместо калорични опции како тестенини или сосови на база на павлака. Според студијата, лицата кои избегнувале преработена храна всушност јаделе 57% повеќе храна (гледано според тежината на оброците), но внеле значително помалку калории.

Џеф Бранстром, професор по експериментална психологија, истакнал: „Возбудливо е да се види дека луѓето, кога им се нудат непреработени опции, интуитивно избираат намирници што го балансираат уживањето, нутритивната вредност и чувството на ситост“. Тој додал дека нашите избори не се случајни – нашето тело знае да го препознае квалитетот кога храната нѝ е претставена во изворна состојба.
Студија објавена во списанието „American Journal of Clinical Nutrition“ предупредува на уште еден трик на прехранбената индустрија. Многу ултрапреработени производи, како палачинки или готови пржени јадења, се збогатуваат со витамини за да изгледаат поздраво. На пример, можат да содржат витамин А – исто како и морковот или спанаќот.

Д-р Аника Флин предупредила дека токму тука е проблемот: „Ултрапреработената храна носи висока калориска вредност и микронутриенти во ист пакет, што го ’мами‘ нашиот организам и ја нарушува природната рамнотежа меѓу калориите и хранливите материи“. Од друга страна, интегралните/полнозрнести намирници нè поттикнуваат да избираме вистински „нутритивни бомби“, како овошје и зеленчук, наместо тешка и мрсна храна.

Професорот Бранстром заклучил дека самото прејадувањето не е суштината на проблемот: „Нашето истражување јасно покажа дека луѓето кои консумирале полнозрнеста храна јаделе по количина многу повеќе од оние кои консумирале преработена храна. Но, составот на намирниците е тој што го диктира изборот. Преработената храна нè ’турка‘ кон калориски бомби кои, дури и во мали количини, водат до натрупување вишок килограми и дебелина“.