Ако не сте сигурни што значи поимот „матријарх“, ќе ви објасни госпоѓата Марџи од Оукленд во Калифорнија, и тоа на сопствен пример. Таа е горда баба на 150 внуци, а тоа не е конечен број бидејќи семејството не престанува да се шири.
Тука се и 50-те правнуци, чии имиња не може да ги запамети, а некои дури и не ги знае, но – целосно ја разбираме!
Џенифер Хадсон – актерка, пејачка и сè попопуларна водителка, во првите денови од новата година во своето ток-шоу покани една повеќе од интересна жена. Вистинска ѕвезда. Таа не е од светот на филмот, музиката или спортот, на пошироката јавност не ѝ е позната, а кога ќе слушнете што е тоа што ја прави госпоѓата Марџи единствена, и самите ќе заклучите дека ги заслужува сите можни признанија што постојат. За мајка, баба, прабаба, чукунбаба на годината, деценијата, векот.
Марџи (84) има седум деца, кои ѝ подариле дури 150 внуци. Гледачите, кога го спомнала тој податок, се запрашаа како е тоа можно, бидејќи според таа математика, секој би требало да има барем 20 деца. Марџи објасни дека имало и близнаци, и тројки, и деца од претходни бракови на нивните партнери...
Како што во меѓувреме многумина и самите станале родители, виталната госпоѓа од Оукленд моментално има 50 правнуци и 50 праправнуци. И тука не е крајот, бидејќи семејството продолжува да се шири. Импресивно.
Во емисијата, во која ѝ се придружи и ќерката Пет, истакна дека е многу горда на своите наследници, иако не ги знае имињата на сите најмлади. „Тоа е поради годините, разберете ме“, вели низ шега. Често не може веднаш да погоди ни кој на кого му е родител.

„Мајка ми се омажи рано, на 14 години“, објаснува Пет. „До 21-та веќе роди пет деца. Едно не го преживеа детството. Целосно нѝ се посвети, ни пружи сè. Сите завршивме факултети, сите имаме свои куќи, некои се и на чело на успешни компании...“.
Џенифер Хадсон угости уште неколку членови на големото семејство, а Марџи во емисијата имаше можност за првпат да види неколку праправнуци кои претходно не успеала да ги запознае. Тешко било да се совлада лавината емоции што ја преплавиле пред најширокиот аудиториум...










