Навики кои околината често ги доживува како иритантни, како мечтаењето или разговорот со самиот себе, можеби всушност се знаци на висока интелигенција.
Американскиот психолог д-р Марк Траверс во текст за Форбс наведува дека истражувањата покажуваат како ваквите однесувања може да се поврзат со креативноста и когнитивните способности.
Мечтаење
Мечтаењето долго време се поврзуваше со невнимание, но кога мислите ќе нѝ одлетаат и почнуваме да замислуваме различни сценарија, тоа може да биде поврзано со покреативно размислување. Студија од 2025 година, која анализирала 1.300 возрасни лица, со помош на снимање на мозокот забележала посилна поврзаност меѓу мрежите задолжени за извршна контрола и оние што се активираат кога фантазираме и кога мислите спонтано се развиваат.

Испитаниците на кои мислите почесто им „одлетувале“ се покажале и поуспешни во брзото префрлање меѓу задачи. Слично на тоа, студија од 2024 година објавена во списанието „PNAS Nexus“, спроведена на 3.300 учесници, заклучила дека наизглед „празните“ мисли имаат своја корисна улога.
Разговор со самиот себе
Без разлика дали шепотите, коментирате наглас или едноставно се обидувате да ги подредите мислите, разговорот со самиот себе може да биде корисен. Според студија од 2023 година спроведена на студенти, оваа навика е поврзана со саморегулација и со појасна слика за себе. Исто така, може да помогне во развојот на свесната присутност и во обликувањето на внатрешниот монолог.
Научници од Универзитетот Бангор откриле дека луѓето се поконцентрирани и подобро го паметат прочитаното кога зборовите ги изговараат наглас. Коавторката на студијата, психологот д-р Палома Мари Бефа, објаснила дека дел од придобивките може да се сведат на тоа што се слушаме самите себеси додека зборуваме, бидејќи изгледа дека изговорените упатства полесно го насочуваат нашето однесување отколку напишаните.

Таа додала дека стереотипот за научник кој разговара сам со себе можеби не е само шега, туку и слика на личност која користи сè што ѝ е достапно за подобро да ги насочи вниманието и размислувањето.
Експертите исто така истакнуваат дека именувањето на грижите или емоциите наглас на многумина им помага тие да се смират и да станат поподносливи. Но, нагласуваат дека тоа важи само кога нема да се впуштиме во бескрајно вртење на негативни мисли и самокритика.








