Мексиканска компанија спасила улична мачка и наместо да ја посвои, решила да ја вработи. Портокаловата мачка била наречена Инженер Мјаурисио и била прогласена за менаџер за емоционална поддршка за вработените во „Геотест“.
Мачката е задолжена за намалување на стресот на работното место, шета низ канцеларијата и испорачува насмевки, како и нежно мјаукање кога е потребно, пренесува „Љубимци“.
Мјаурисио добил значка за идентификација и има своја фотографија, на која изгледа многу сериозно. На шега му ја дале улогата на „Менаџер за емоционална поддршка“ (Gerente de Apoyo Emocional), главно затоа што неговата главна работа е да шета низ канцеларијата и да седи близу до луѓето кога работата станува стресна.
Мјаурисио не дава рокови на никого и не закажува состаноци, тој само го крева моралот на луѓето што работат во „Геотест“ и е жив доказ дека понекогаш најдобриот вработен е „оној со крзно“.








