Ова место е во фокусот на велесилите, а не е Гренланд: Носењето оружје е задолжително, сè е оковано со мраз, а погреби не постојат

Точка

16/01/2026

17:59

1.198

Големина на фонт

а а а

Со децении Свалбард, архипелаг во Арктичкиот Океан, беше познат главно меѓу научниците. Потоа го открија авантуристички настроените туристи, а денес стана место на судир на интересите на големите сили (слично како Гренланд).

Свалбард ѝ припаѓа на Норвешка, која инсистира на негова заштита. Географската положба, релативната близина до Северниот пол и договорот од 1920 година му дадоа на архипелагот посебен статус.

Покриен со глечери и снег

Архипелагот се состои од повеќе острови, а единствениот трајно населен остров е Шпицберген.

Околу 60 отсто од Свалбард е покриен со глечери и снег, но Северноатлантската струја ја ублажува арктичката клима и овозможува околните води да бидат пловни во поголемиот дел од годината.

Бидејќи архипелагот се наоѓа северно од Арктичкиот круг, во населбата Лонгјербјен на островот Шпицберген од 20 април до 23 август трае поларниот ден, додека од 26 октомври до 15 февруари е во тек поларната ноќ.


Свалбард во 1925 година официјално беше приклучен кон Норвешка како своевидна „неутрална зона“ во која е забрането подигање воени бази. Меѓутоа, за време на Втората светска војна бил сцена на низа поморски воени операции и судири меѓу сојузничките сили и нацистичка Германија.

Архипелагот овозможува надзор над клучните поморски рути меѓу Баренцовото Море и Северниот Атлантик, а воедно претставува едно од најдобрите места на Земјата за преземање сателитски податоци, пренесува „Jutarnji list“.

Патни врски не постојат

Свалбард е и важна „природна климатолошка лабораторија“. Истражувањата покажуваат дека се загрева шест пати побрзо од глобалниот просек, а некои истражувачи предвидуваат дека до 2100 година неговите глечери ќе губат мраз двојно побрзо отколку денес.

На островот Шпицберген, чија површина изнесува околу 37.673 квадратни километри, живеат околу 2.900 жители. Бидејќи за живот на Свалбард не е потребна виза, ниту работна дозвола (сè додека лицето може само да се издржува), Шпицберген стана дом на луѓе од целиот свет – една третина од населението се имигранти од 50 земји.


Заедниците на Свалбард немаат патни врски – луѓето се движат со брод, авион/хеликоптер или моторни санки. Секој што го напушта населеното место мора да носи пушка. Носењето огнено оружје надвор од населените подрачја е законски пропишано поради можната средба со поларна мечка.

Поради пермафростот (трајно замрзнато тло), кој ја спречува разградбата на телата, на Свалбард не постои можност за класичен погреб.

Дом на бројни истражувачки бази

Иако Свалбард ѝ припаѓа на Норвешка, две места на островот Шпицберген претежно се населени со Руси, а до војната во Украина таму живееја и Украинци. Околу 450 луѓе живеат во модерната руска рударска заедница Баренцбург, додека помалку од десет лица живеат во советското село Пирамиден, кое го добило името по величествената блиска планина со препознатлива пирамидална форма.

Островот Шпицберген е дом на бројни истражувачки бази од различни земји. Повеќето научници се концентрирани околу Ни-Олесун, кој по морски пат е оддалечен околу 100 километри од Лонгјербјен.

Ни-Олесун е најсеверното функционално цивилно населено место во светот и може да се пофали со аеродром и пристаниште.


Од 2021 година, 18 институции од 11 земји имаат повеќе или помалку постојано присуство во ова населено место – пет делуваат во текот на целата година, додека останатите се присутни главно за време на пролетно-летно-есенската сезона. Покрај Норвешка, таму се наоѓаат бази на Обединетото Кралство, Франција, Холандија, Италија, Германија, Јужна Кореја и Јапонија, а од 2004 година дејствува и „Жолтата река“, кинеска истражувачка станица чиј фокус е на глациологијата, копнената и морската екологија, вселенската физика и атмосферските истражувања.

Идеални услови за „Трезор за судниот ден“

Симбол на архипелагот е поларната мечка. Се проценува дека на Свалбард живеат околу 3.000 опасни предатори, приближно колку и луѓе. На островите постои и голем број птици, како што се морскиот папагал и арктичката чигра.

Пермафростот и целогодишните ниски температури се покажаа како идеални за „Трезорот на судниот ден“ (Global Seed Vault), единствен објект со сложен безбедносен систем, каде што се чуваат семенски култури од сите делови на светот.

Значи, можете да го гледате како модерна верзија на Ноевата арка.

Од 2008 година, кога беше отворен, во трезорот се депонирани повеќе од 1,3 милиони примероци на семе, кои претставуваат 13.000 години земјоделска историја.