Сè што е поврзано со Северна Кореја „може да значи, а и не мора“. И датумот на раѓање на „Големиот водач“ долго време бил строго доверлива информација, па не е чудо што малкумина веруваат дека има само 41 година. Единственото што е сигурно се вечните закани со оружје за масовно уништување.
Сепак, Ким Џонг Ун не е толку строг како неговите претходници, па јавноста имаше прилика да види како изгледа неговата таинствена сопруга. Неговото име првпат се појави во јавните медиуми во септември 2010 година, а само 14 месеци подоцна Ким Џонг Ун стана лидер на Северна Кореја и ја презеде титулата „Голем водач“ од својот татко Ким Џонг Ил, кој ненадејно почина.
Чудната фризура, постојаните закани со нуклеарно оружје и тенденцијата за „чистење“ на противниците — официјални лица, генерали, можеби и некои членови на семејството, направија од него предмет на потсмев во светските медиуми.

Се верува дека мајка му била омилената сопруга на Ким Џонг Ил. Синот го нарекувала „ѕвезда Деница“ и во него гледала иден лидер. Сепак, не било планирано тој да го наследи таткото; тоа место требало да го заземе некој од браќата на Ил. Како што двајцата исчезнале без трага, Ким Џонг Ун се прогласил за „голем наследник“ и веќе повеќе од 13 години владее.
Со оглед на тоа што точниот датум на неговото раѓање бил непознат (официјално се наведува 1984 година), малкумина во таа земја се осмелуваат да го истражуваат приватниот живот на контроверзниот севернокорејски лидер.
Меѓутоа, во 2012 година се појавија снимки на кои се гледа млада жена со која се појавувал на свечености, и веќе во јули истата година светските медиуми објавија дека Ким е оженет со „другарката“ Ри Сол Џу.

Во април 2018 година јавноста била известена дека таа повеќе не е „другарка“, туку „почитувана прва дама“, што е почесна титула која се користи од 1974 година и ја носат „омилените сопруги на големите водачи“.
Бидејќи информациите за Ри Сол Џу од севернокорејските медиуми се многу „скудни“, оние што се на „Википедија“ потекнуваат од странски извори. Наведени се две години на нејзиното раѓање: 1985 и 1989. Светот ја запознал во Чонџин, на крајниот север на земјата. Потекнува од угледно семејство: нејзината мајка е шеф на гинеколошко одделение, а татко ѝ е професор. Средното училиште го завршила во главниот град Пјонгјанг, а студирала пеење во Кина.

Некои весници порано пишувале дека настапувала со оркестарот „Unhasu“, дури и во странство, но и дека била мажоретка. Поради тоа, властите на Северна Кореја направиле сè за да ја „избришат“ нејзината биографија, односно музичкото минато. Наводно, биле конфискувани сите аудио и видео записи на кои таа се појавува. За Ким Џонг Ун се омажила во 2009, а три години подоцна стекнала диплома на универзитетот „Ким ил Сунг“ и станала доктор на науки.
А децата? Едно потврдено, две непотврдени. Според некои извори, Ри Сол Џу родила син во 2010 година, а во 2012 или 2013 (буквално сè е „да, можеби, не“)родила ќерка по име Ким Џу Е. Првпат неа ја спомена легендарниот кошаркар Денис Родман – НБА ѕвездата беше во посета на Северна Кореја и подоцна за „Guardian“ откри дека парот има ќерка.

„Ким Џонг има убаво семејство и е добар татко“, додал Родман.
Се споменува и трето дете, кое, според некои извори, се родило во февруари 2017. Полот е непознат. Ако воопшто постои. Сепак, малата Ким Џу Е првпат се појави во јавноста во 2022, кога му правеше друштво на татко ѝ при лансирање ракета во Пјонгјанг.
Ри Сол Џу привлече големо внимание во 2012, кога се појави со сопругот на гала концерт во елегантен стајлинг, што локалните медиуми го споредиле со „најдобрите креации на Шанел“, што прилично се коси со традицијата на строго и еднолично облечените жени во Северна Кореја.

Доказ дека Ким Џонг Ун малку „ги олабавил синџирите“ и кодексите што ги воспоставиле неговиот татко и дедо се и патувањата со сопругата. Сепак, не можат многу далеку да патуваат… Но, Ри Сол Џу му правела друштво во Кина во 2018, кога се сретна со претседателот Си Џинпинг. Истата година стана првата прва дама на Северна Кореја што се сретнала со својата колешка од Јужна Кореја. Таа имаше средби и со американски дипломати за да помогне во намалување на тензиите.

Сепак, имаше периоди кога јавноста не ја гледала и по една, две години. Тогаш се шпекулираше дека сопругот ја „отстранил“, а всушност ѝ забранувал излегувања затоа што тоа го сметал за „тренинг на дисциплина“.