ФИФА ненадејно презеде исклучително непопуларен потег меѓу навивачите – ги зголеми цените на билетите за Светското првенство.
Иако планираните цени на билетите беа повисоки отколку во Катар, со официјална одлука тие беа дополнително зголемени, па така цените на премиум билетите за финалето на стадионот „MetLife“ во Њујорк достигнуваат вртоглави 7.540 евра, што е за 2.000 евра повеќе од првично утврдената цена.
Најевтините билети за финалето чинат 3.555 евра, што е дури седум пати поскапо од финалето на претходното Светско првенство во Катар, кога билетите чинеа 513 евра.

Здруженијата на навивачи од Европа побарале од ФИФА да се вразуми и да ги намали цените на билетите. Здружението на фудбалски навивачи на Англија го оцени потегот на ФИФА како „удар во лице“ кога ја добиле официјалната информација дека билетите за натпреварот од првото коло помеѓу Англија и Хрватска ќе чинат 226, 425 и 596 евра.
За споредба, на Светското првенство во Катар билетите за групната фаза чинеа 78, 187 и 250 евра.
Исто така, извршиле пресметка дека, доколку еден навивач сака да ги гледа сите натпревари на Англија доколку тимот стигне до финалето, ќе мора да потроши најмалку 5.956 евра за осум натпревари ако купува најевтини билети, додека во случај на купување на најскапи билети, таа сума достигнува дури 14.085 евра.
Задоволството на гледање на сите натпревари на една репрезентација во Катар, вклучувајќи го и финалето, изнесуваше 1.671 евро во најевтината, а 4.461 евро во најскапата варијанта.
Навивачите во САД исто така се бесни поради цените на билетите.

„Мислам дека се прилично луди, искрено. Долго сум обожавател на фудбалот. Го следам уште од дете. Се сеќавам дека го гледав Светското првенство во 2010 и 2014 година и бев прилично возбуден што ќе го гледам оваа година и ќе одам на некои од овие натпревари, но знаете, иако како возрасен имам пари, навистина не можам да си дозволам некои од овие билети, што е едноставно лудост за обичните навивачи. Ќе пробам да купам, но веројатно нема. Мислам дека најдобро што можам да направам е да одам во еден од градовите-домаќини и да го гледам натпреварот во локален спортски бар со, знаете, многу навивачи“, рече еден Американец.
Истото мислење го дели и една Американка која истакна дека пораснала гледајќи натпревари со татко ѝ и братот.
„Овие цени на билетите се глупост. Едноставно, премногу е тешко да се купат. Мислам, во овој момент, само ќе ги гледам дома“, рече таа.










