Лука Модриќ се одлучи да остане во Европа и својата кариера ја продолжи во Италија во редовите на Милан каде експресно се наметна како лидер на тимот кој засега одлично функционира и е на првото место во Серија А.
Овие неколку месеци беа доволни за Хрватот да сфати некои работи, да донесе заклучоци како за лигата така и за животот на Апенините.
- Се чувствувам добро, физички и ментално, и ми се допаѓа она што го правам. Сакам да продолжам вака затоа што се забавувам. Сè оди како што сакав. Јас и моето семејство се чувствуваме добро тука. Разбирам и италијански, но да речеме дека подобро зборувам и други јазици. Хрватски, англиски и шпански. Малку по малку, ќе научам и италијански, - истакна Лука кој потоа говореше за Милан.
- Вршиме добра работа, а целта не е да застанеме, иако многу тимови се борат за првото место. Тешко е, но ние продолжуваме напред со самодоверба. Од странство, некој можеби не сфаќа колку е тешка Серија А, но ве уверувам дека вашата лига е многу тешка и конкурентна. Не бев изненаден бидејќи бев подготвен: ја знаев уште од дете кога ја гледав на телевизија и постојано ја следев низ годините. Знаев што ќе најдам и бев подготвен.
- Среќен сум затоа што играм за она што за мене е најголемиот италијански клуб од сите. Уживам секој ден во Миланело и секој пат кога го носам дресот на „росонерите“. Никогаш не помислив дека ќе дојдам во Милан сè додека не бев во Реал Мадрид, но понекогаш во животот, работите се случуваат кога најмалку ги очекуваш. Тоа беше сон што стана реалност затоа што бев навивач на Милан уште од дете, - вели Модриќ кој е изненаден од тренерот Макс Алегри.
- Одличен тренер, победник. Уживам да работам со него, ме изненади со својата личност. Тој има неверојатна способност да создаде добро чувство во соблекувалната бидејќи е навикнат да менаџира големи шампиони. Тој ви помага да го дадете најдоброто од себе и ве одржува смирени, па затоа е полесно да го правите она што треба да го направите, - порача ветеранот за „Газета Дело Спорт“.









