Мурињо блескаше на прес-конференцијата! „Поради него го ставив Погба на клупа, тоа беше најмалку што можеше да направи за мене!“

Точка

11/12/2025

15:34

483

Големина на фонт

а а а

Извонредно интересна атмосфера владееше на прес-конференцијата што ја одржа прославениот тренер Жозе Мурињо по триумфот на Бенфика во Лигата на шампионите.

Да потсетиме, неговиот тим на домашен терен го совлада Наполи со 2:0.

Мурињо се појави на пресот со ранец, па новинарите веднаш се заинтересираа што се наоѓа во него.

„Посебниот“ откри дека станува збор за дрес на противничкиот фудбалер Скот Мектоминеј.

„Ова во торбата е мое. Се работи за дресот на Скот Мектоминеј. Јас го воведов во светот на фудбалот, го ставив Пол Погба на клупа во Манчестер поради него. Најмалку што можеше да направи беше да ми подари дрес“, рече Мурињо со насмевка.


И навистина, одличниот фудбалер дебитираше во сениорска конкуренција токму кај Мурињо во Јунајтед. Во 35. коло од сезоната 2016/17 Жозе го внесе во игра во финишот од натпреварот, а потоа во последното коло му даде шанса да одигра цел меч.

Сепак, Мектоминеј доживеа вистински подем дури по заминувањето од Јунајтед. Минатата сезона беше најдобар играч во Серија А и го предводеше Наполи до шампионската титула.