[ВИДЕО] Голема сензација: За првпат снимено што прават китовите убијци и делфините заедно, морските биолози останале без зборови

Точка

12/12/2025

09:42

590

Големина на фонт

а а а

Китовите убијци и делфините за првпат се снимени како заедно ловат лосос во длабоките води. Со помош на дронови и минијатурни камери, канадските научници го открија постоењето на „стратешки сојуз“ меѓу двата вида, а сите детали се објавени во угледното списание „Scientific Reports“.

Прв доказ

Истражувањето покажало дека делфините се исклучително вешти во пронаоѓање на големите кралски лососи (Oncorhynchus tshawytscha), но не можат да ги проголтаат цели.

Тогаш на сцена стапуваат орките, кои ги следат делфините до пленот, а потоа им ги оставаат „остатоците“ со кои тие можат да се нахранат.

Научниците забележале 258 различни случаи во кои делфините се движеле во близина на китови убијци во водите околу островот Ванкувер во текот на 2020 година. Станува збор за прв доказ дека овие два вида ловат заедно, пренесува „Jutarnji“.

Предностите на новите технологии

„Сите буквално останавме без зборови. Беше неверојатно возбудливо, бидејќи китовите убијци се меѓу најистражените морски животни – нивната исхрана, подрачјата на исхрана и популациите се добро познати. Но, секогаш кога применуваме нови технологии кои ги поместуваат границите на достапните податоци, доаѓаме до нови сознанија“, изјави д-р Сара Форчун од Универзитетот Далхаузи во Нова Шкотска.

Таа истакнува дека одамна се знаело дека орките стапуваат во контакт со пацифичките делфини, но набљудувањето на нивните заеднички нуркања и усогласениот лов целосно го менува сфаќањето на тие средби.


Нејзиниот колега, д-р Ендрју Трајтс од Универзитетот Британска Колумбија, додава дека китовите убијци ги користат делфините како „извидници опремени со радари“.

„Ситуација во која сите добиваат“

„Стратешкото сојузништво кое го воочивме навистина е извонредно. Со заедничко делување, китовите убијци штедат енергија и ги користат делфините како своевидни извидници, со што ги зголемуваат шансите за пронаоѓање плен на поголеми длабочини. За возврат, делфините добиваат заштита од грабливци и пристап до остатоците од една од најценетите риби во океанот. Тоа е ситуација во која сите добиваат“, објасни тој.

Првиот што го забележал заедничкиот лов бил Кит Холм, пилот на дронови во научниот институт Хакаи.

„Од воздух можеше да се види неверојатната количина на активност. Беше јасно дека се одвива некаква комуникација и дека активно ловат заедно“, рече тој.